Промовирани 10 нови наслови од проектот „Превод на 1.000 книги“

15.03.2016 15:41

Концептот на овој проект има една суштинска цел, а тоа е најдобрата современа стручна литература да стане достапна за нашата академска јавност на нивниот мајчин јазик.

Нови 10 изданија од владиниот проект за превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од денес ќе се најдат на полиците на библиотеките и универзитетите. Книгите обработуваат теми од економијата,  фармацијата , природно математичките науки, филозофијата и филологијата, информатиката, спорт и физичка култура.

„Концептот на овој проект има една суштинска цел, а тоа е најдобрата современа стручна литература да стане достапна за нашата академска јавност на нивниот мајчин јазик. И несомнено, оваа цел доследно ја исполнува. Мошне успешно ја пренесува научната мисла, така што овие книги играат клучна улога во развојот, напредокот и протокот на идеи во научната сфера“, истакна заменик- министерот за образование и наука, Спиро Ристовски на промоцијата на која присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Додаде дека покрај ова проектот донел и други бенефити. Во неговата реализација, додаде заменик министерот, беа и се уште се вклучени речиси 20 издавачки куќи, бројни преведувачи и други соработници.

Досега се преведени 967 наслови, а во наредните четири години проектот ќе се проширува со нови 200 книги.