Отворен Центарот за цистична фиброза
Македонија го доби првиот Центар за цистична фиброза. Пациентите ќе се лекуваат според европски стандарди. Во него ќе работат физиотерапевти и пулмолози- кадар неопходен во лекувањето на овие болни. Сите испитувања ќе се вршат на едно место...

Болните од цистична фиброза ќе бидат лекувани според европски стандарди. Отворен е новиот современ центар. Во него ќе работат физиотерапевти и пулмолози, кадар неопходен во третманот на пациентите со ова ретко заболување. Сите прегледи и испитувања за третман на цистична фиброза ќе се извршуваат на едно место.
„Од микробиологија, бронхологија, до биохемиски анализи, па се до поставување на точна дијагноза. Понатаму ќе воведеме и неонатален скрининг за пациенти со цистична фиброза“, изјави д-р Оливер Зафировски – директор на Клиниката за белодробни заболувања- Козле.
За болните, останува проблемот со лековите.
„Пациенти кои што имаат добра физикална терапија немаат потреба од скапа и честа антибиотска терапија. Она што е неопходно за пациентите со цистична фиброза се разновидните лекови кои се уште не се достапни на нашиот пазар, се надеваме дека ќе се најде начин да се донесат“, вели Снежана Бојчин- претседател на Здружението за цистична фиброза.
Министерот Тодоров вели дека ќе има нов начин за набавка на лековите. Во новиот центар очекува подобар третман.
„Собите се комплетно опремени по најсовремени стандарди, со целокупната опрема која што е потребна за лекување и третман на болни од цистична фиброза. Набавката на лековите од оваа година ја презема Министерството за здравство“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.
Околу 100-тина пациенти во земјава живеат со ова ретко заболување.. Болеста е вродена, а најчесто страдаат белите дробови.
Андријана Атанасовска
