На јужната граница стабилно, бегалците вратени во Грција

15.03.2016 16:37

Стабилно на јужната граница по масовното илегално преминување на македонска страна. Бегалците вратени на грчка територија...

Ѓубре, многу ѓубре расфрлано на сите страни- ова е сликата од гевгелиското село Моин која можеше да се забележи утринава откако поголема група од околу 1.000 мигранти во текот на вчерашниот ден се обидоа да ја преминат грчко- македонската граница и да влезат на македонска територија.

Мештаните денес со возбуда зборуваа за вчерашните случувања. Тие се загрижени ова сценарио да не се повтори и денеска.

„Страшно беше, да бевте тука ќе бегавте. За 15 минути пристигна полицијата и војската. Се уплашивме, не спиевме воопшто. Цела ноќ војската и полицијата беа тука. Од каде да знаеме што носат мигрантите. Носеа големи листови со арапски букви и почнаа да маваат по полицијата.“

„Грција е тука на 500 метри. Кога полицијата дојде половина од мигрантите почнаа да беагаат. Денеска е мирно тука, нема ништо“, велат жителите кои ги анкетиравме.

Денеска состојбата е мирна откако полицијата ги врати сите мигранти на грчка територија кои илегално влегоа во Македонија. Во транзитниот центар нема повеќе од 50-ина мигранти.

Интересно е тоа што кај групата која вчера ја мина границата се најдени флаери со инструкции како да влезат во Македонија. Имено, упатството содржи мапа на која е наслика крајот на оградата.

Во упатството на арапски пишува: „Оградата завршува неколку километри понатаму, таму не постои ограда која ќе ве спречи да влезете во Македонија. Ако се движите во помали групи ќе бидете уапсени од војската и од полицијата и ќе бидете вратени во Грција. Но, ако илијадници од вас се обидат истовремено да ја минат границата, полицијата нема да може да ве запре. Тој што ќе стигне до Централна и од Источна Европа, ќе може да остане таму. Кампот Идомени ќе биде растурен, а мигрантите кои остануваат во Грција ќе бидат транспортирани во Турција или во некој друг камп“.

Се уште не е познато кој ги отпечатил овие флаери и им ги поделил на мигрантите.

 

Анита Димитријевска