Иванов: Македонија нема да дозволи зголемување на безбедносните ризици од мигрантската криза

16.03.2016 12:23

„Нема да дозволиме зголемување на безбедносните ризици од мигрантиската криза“- порача претседателот Иванов по седницата на Советот за безбедност. Ги пофали безбедносните сили за успешната акција по илегалниот влез на мигрантите на наша територија. Побара зголемена соработка и комуникација со соседните земји за да не се повторат слични инциденти. Врховниот командат ѝ соопшти на јавноста дека Македонија е подготвена за сите сценарија...

Македонија нема да дозволи зголемување на безбедносните ризици од мигрантската криза. Ќе се преземат сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност, изјави претседателот Иванов по седницата на Советот за безбедност. Македонските безбедносни институции и во иднина, како и досега ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза.

„Се случи инцидент на нашата јужна граница. Неконтролиран број мигранти и странски државјани од територијата на Европската унија и Шенген-зоната се обидоа илегално да ја преминат државната граница, надвор од официјалниот граничен премин и да влезат во подрачјето во кое е прогласена кризна состојба. Нашите безбедносни сили успешно реагираа. Ја поздравувам нивната навремена и одговорна реакција, без употреба на сила“, изајви претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Иванов порача дека не смее властите во која било држава од бегалската рута да останат пасивни набљудувачи на ваквите инциденти. Според шефот на државата,со затворање на балканскиот коридор, очекувано беше да се зголемат обидите за насилно и илегално влегување во Македонија. Отсуството на комуникација и соработка меѓу политичарите и безбедносните служби на Македонија и на Грција и неможноста да се воспостават заеднички оперативни тимови за брза интервенција доведе до оваа ситуација, вели Иванов.

„Но, она што јас лично не го очекував е преземањето на крајно некоректни активности со кои потенцијално се загрозува целокупната регионална безбедност. Република Македонија ниту е членка на Европската унија, ниту на НАТО, ниту на Шенген-зоната и не може да ги трпи последиците на неединствената политика на Унијата“, нагласи претседателот Иванов.

Иванов  најави дека за актуелната состојба, деновиве ќе оствари телефонски  разговори со претседателите и премиерите на земјите долж коридорот кои учествуваат во носењето одлуки во Советот на Европската Унија за менаџирање на мигрантската криза, со претседателот на Европскиот совет, како и со холандскиот претседавач со Советот на ЕУ. Македонија, како и досега ќе продолжи со хуманиот третман според меѓународните стандарди, со доследно почитување на човековите права, потенцира претседателот Иванов по завршувањето на седницата на Советот за безбедност.

Милчо Велески