Иванов: Да запре носењето дополнителен број мигранти на границата со Грција

17.03.2016 16:17

Претседателот Иванов во телефонски разговори со челниците во Европската Унија побарал да запре носењето на дополнителен број мигранти на границата со Грција. Претседателот рекол дека е неопходна политичка поддршка од Унијата. Соговорниците расположени за барањета, рекле дека ќе се обидат да одговорат соодветно зашто Македонија е рамноправен партнер во решавањето на бегалската криза...

Итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Република Македонија – побарал  претседателот Ѓорге Иванов во телефонскиот разговор со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и со разговорите со претседателите, премиерите и министрите за надворешни работи на земји-членки на ЕУ и на они кои се наоѓаат на балканската мигрантска рута.

Објаснил дека балканскиот коридор за  илегални премини е затворен, а реакцијата на безбедносните сили дека била без употреба на сила, одговорна и навремена.

Република Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедноста македонските безбедносни институции и во иднина, како и досега, ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза, притоа имајќи ја предвид обврската за хуман третман на бегалците“, порачал претседателот Иванов.

Иванов побарал политичка поддршка од Европската Унија, логистичка помош од Европската Комисија за институциите на системот за управување со криза со цел  намалување на  безбедносните ризици и  заштита на границата, реализација на македонските барања за добивање на опрема за заштита на границата и опрема за регистрација на мигранти.

Шефот на државата сака и пристап до збирките на податоци на телата на Унијата за размена на податоци за мигрантите со земјите кои не се членки на ЕУ на транзитниот коридор.

Соговорниците се согласиле дека праксата на комуникација и координација треба да продолжи, затоа што Република Македонија е рамноправен партнер што настојува да се изнајде единствен европски одговор на мигрантската криза.

 

Миле Ристески