Ќе продолжи изградбата на социјални станови за ранливите категории
Ќе се градат нови социјални станови. Приближно 1.000 во четири градови. Досега 680 семејства од ранливите категории се вселија во нов дом. Ќе стартува изградбата на ваков објект и во Гостивар...

Ќе се градат нови социјални станови. Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски рече дека наскоро ќе ги има во Гостивар, а од почетокот на следната година и во четири други градови низ земјава.
„Бројката со тие четири градови ќе достигне приближно 1.000 изградени социјални станови за лица од ранливи категории, лица приматели на социјална помош, лица коишто на никаков поинаков начин не можат да дојдат до стан. Досега изградени се 680 социјални станови кои се предадени на граѓаните, 123 се во фаза на градба“, изјави Груевски.
Општината Ѓорче Петров обезбеди 230 парцели за проектот „Купи куќа за млади“. Лоцирани се во населеното место „Стопански двор“.
„Локацијата е прекрасна, станува збор за сончева падина, па правиме напори и да се прошири со околу 40 хектари од индустриската зона. Локацијата е извонредна, па доколку формираме населба- да биде поголема, за уште 600 куќи“, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски.
Во населбата беше пуштено во употреба мултифункционално спортоско игралиште. Уште едно е во изградба.
„Преку Агенцијата за млади и спорт се инвестирани преку два милиони евра за изградба на три повеќенаменски спортски игралишта, четвртото започнавме денеска да го градиме во населбата Дексион“, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.
Жителите побараа изградба на градинки како и реновирање на детските игралишта кои се руинирани.
Во тек е тендер за доградба на училиштето „Тихомир Милошоски“. Во селото Орман во следните неколку денови ќе се решаваат проблемите со имотите.
Викторија Милевска
