Иванов: Институциите успешно се справуваат со предизвиците од мигрантската и бегалската криза

22.03.2016 15:15

Македонските институции покажаа резултати во справувањето со мигрантската и бегалската криза, изјави претседателот Иванов при посетата на Агенцијата за разузнавање. Предупреди на зголемена соработка и размена на информации меѓу безбедносните служби бидејќи тероризмот е глобална закана...

Бомбашките напади во Брисел се опомена дека тероризмот не познава граници и дека ниту една држава не е имуна,оцени претседателот Иванов при посета на Агенцијата за разузнавање. Вели дека се потребни поактивна соработка и размена на информации меѓу безбедносните служби.

„Да не робуваме на бирократски процедури, не сме биле во ЕУ, не сме имале право на пристап до базите. Ние тоа го нудиме за безбедноста на континентот и на другите земји во ЕУ, кои и во иднина ќе се соочуваат со терористички напади и закани“, рече претседателот Иванов.

На средбата со директорот и тимот на Агенцијата вклучен во активностите за справување со бегалската криза,било констатирано дека надлежните служби со превентивните мерки одговориле на предизвиците, со цел кризата да не се рефлектира врз безбедноста. Шефот на државава потенцира дека Македонија мора да има пристап до базата на податоците на ФРОНТЕКС, имајќи го предвид фактот дека земјава беше дел од балканската рута на бегалците. Иванов предупреди дека мора да се контролираат лицата што се регрутираат за боиштата на Блискиот исток.

„Ние го потенциравме безбедносниот аспект на кризата, затоа што меѓу тие бегалци, ги имаме и повратниците од боиштата во Сирија. Граѓаните треба да бидат спокојни затоа што со сите ризици што постоеја досега, нашите институции, во соработка со нивните партнерски служби спречуваа. Многу од тие настани во идно време ќе се знаат кога атмосферата ќе биде поинаква“, потенцира претседателот Иванов.

Податоците говорат дека околу 3 илјади лица повратници од воените жаришта се во европските земји,вели македонскиот претседател,додавајќи дека мора да бидеме будни и проактивни и еден чекор пред екстремистите. Иванов посочи и дека мора да се менува и пристапот кон тероризмот, оваа глобална закана.

 

Милчо Велески