ДИК неделава почнува со теренската проверка

22.03.2016 15:48

Со теренската проверка ќе бидат опфатени 100.436 граѓани и адреси. 374 анкетари ќе ја работат операцијата, а нив контрола ќе им вршат раководителите на подрачните единици на ДИК...

Кон крајот на неделава ќе почне теренската проверка- најавија од Државната изборна комисија. Од таму велат дека главната цел е да се врати довербата кај граѓаните. Поради тоа што се спроведува за прв пат, од ДИК бараат соработка. Со теренската проверка ќе бидат опфатени 100.436 граѓани и адреси. 374 анкетари ќе ја работат операцијата, а нив контрола ќе им вршат раководителите на подрачните единици на ДИК. Од денеска стартува кампањата „Отворени врати“, со која ДИК сака да ги мотивира граѓаните да соработуваат со луѓето кои ќе ги анкетираат.

Теренската проверка според пресметките на ДИК ќе трае најмногу две недели, а ќе се одвива секојдневно од 8.30 до 19 часот. Доколку анкетарите во моментот на посета не го најдат во домот лицето што треба да биде проверено, на неговото семејство или кај соседите ќе најават кој ден ќе дојдат повторно. Доколку и вториот пат не биде во својот дом, ќе му остават порака да отиде во подрачната единица на ДИК и таму да ја направат проверката.

Од ДИК апелираат до граѓаните за соработка на граѓаните со анкетарите. Нагласуваат дека  со законските одредби не се предвидени казни за оние што нема да бидат проверени со теренската проверка или, пак, ќе одбијат да соработуваат.

 

Миле Ристески