Први постапки за сурогат мајчинство

22.03.2016 16:19

За првпат во земјава биомедицинско потпомогнато оплодување со сурогат мајчинство. Првите деца со оваа постапка ќе се родат идната година. Голем е интересот и од брачните двојки и од хуманите жени– велат од Министерството за здравство.

Две брачни двојки наредната година ќе добијат потомство преку сурогат мајка. До крајот на идната недела брачните двојки и хуманите жени ќе го склучат договорат и ќе почне постапката за биомедицинското оплодување. За една година, 30 брачни другари се интересирале за овој процес – велат од Министерството за здравство. Две жени кои сакале да бидат сурогат мајки биле одбиени. Комисија составена од експерти од повеќе медицински области, утврдува дали двојките и хуманите жени ги исполнуваат условите. 

„Тие водеа непосреден разговор со брачните двојки за нивната желба и мотивите да создадат потомство, но водеа и исти вакви разговори со сурогат мајките за нивниот поттик или причина да усреќат некое семејство со деца. Во претстојниот период ќе бидат извршени повеќе стручни советувања со овие лица од психолошки и правен аспект по што следува самата медицинска постапка на биомедицинско потпомогнато оплодување“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Секоја брачна двојка која од здравствени причини не може да има поколение, ќе може да конкурира за сурогат мајчинство. Жената која ќе роди дете за друг брачен другар треба да го стори тоа од хумани причини, да е државјанин на земјава, да не е осудувана и да е психофизички здрава.

Сурогат мајка може да биде жена постара од 25 години, не смее да роди повеќе од едно дете. Сурогат мајчинството функционира во Англија, САД, Канада, Русија и други земји. 

 

Андријана Атанасовска