Расте бројот на граѓани кои се жалат кај Народниот правобранител
Народниот правобранител го презентира годишниот извештај за степенот на обезбедување, почитување и заштита на човековите слободи и права за 2015 година. Лани омбудсманот постапувал по 5.336 случаи. Најголем дел од претставките се поднесени од граѓаните...

Се зголемува бројот на граѓани кои се жалат кај Народниот правобранител. Лани повеќе од 4.000 поднеле претставка, бидејќи сметале дека се прекршени нивните слободи и права. Според омбудсманот, најголемиот дел од предметите биле за незаконско следење на комуникациите, полициска бруталност, бегалската криза, условите во затворите, за притисоците врз средношколците. Правобранителот препорачува реформа на судството.
„Судски одлуки се носат пристрасно и под влијание, а во одделни случаи и од нестручни судии. Нашето постапување потврдува дека сеуште имаме неефикасен судски систем, особено кога станува збор за управното судство“, изјави народниот правобраниетел Иџет Мемети.
Народниот правобранител регираше и на попречувањето на неговата работа од повеќе министерства- за внатрешни, за информатичко општество и администрација и за образование, како и од Врховниот суд, Основните 1 и 2 во Скопје и Јавното обвинителство. Смета дека овие институции недоволно соработувале со него.
Наташа Јанчиќ
