„Тортура“: СЈО отвори нов случај, осомничени 7 лица

28.03.2016 14:39

Специјалното јавно обвинителство отвора нова истрага „Тортура“ за апсењето на екс министерот за внатрешни Љубе Бошкоски. Осомничени се 7 лица, а првоосомничен е екс директорот на УБК. Обвинителката Јанева обелодени дека е преземена надлежноста за „Шпион“ и дека деновиве ќе бидат побарани и случаите „Маѓар телеком“ и за поранешниот прв разузнувач Верушевски и неговиот син...

„Тортура“ е новиот предмет кој го отвора Специјалното обвинителство. Се однесува на начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011-та, ден по парламентарните изборите. Седуммина се осомничени за кривично дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.

„Првоосомничениот како службено лице- директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба, ги навел останатите осомничени- полициските службеници во единицата Алфи да во вршењето на службата при лишување од слобода на осомничено лице- оштетениот Љубе Бошковски кај истиот да предизвикаат душевно страдање“, изјави јавната обинителка Фатиме Фетаи.

Специјалнот обвинителство заклучило дека вулгарниот речник и употребата на огнено оружје додека Бошкоски бил легнат на земја, како и пред врата на тоалет, кај него предизвикало душевно страдање. Во документот, потпишан од Бошкоски, тој немал забелешки на апсењето.

„Точно е дека постои документ кој Љубе Бошкоски го потпишал во присуство на неговиот адвокат, меѓутоа тоа се однесува на самата постапка во делот на времетраење и во делот на тоа дали се нанесени физички повреди. Точно е дека забелешки немало, меѓутоа наша одговорност беше и затоа ја отворивме истрагата- да се испитаат другите околности“, рече обвинителката Ленче Ристовска.

Обвинителката Катица Јанева информираше дека воспоставиле надлежност за случајот „Шпион“ и веќе побарале од Апелација списите да им се достават.

„Ова јавно обвинителство ќе воспостави надлежност над предметот попознат во јавноста како ’Маѓар телеком’, предметот против Зоран Верушевски, како и против Горан Верушевски од кои причини во текот на утрешниот ден до Советот на јавните обвинители на Република Македонија ќе биде доставено барање за доставување на наведените предмети со сите списи до ова јавно обвинителство заради наше постапување“, рече специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Специјалното обвинителство ќе побара од Врховниот суд барање за заштита на законитоста затоа што за градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко барале мерка притвор, но, кривичниот совет на скопска единица го одбил таквото барање.

Минатиот месец Специјалното обвинителство го отвори првиот случај „Титаник“ кој се однесува на изборни нерегуларности.

 

Миле Ристески