Министрите и замениците од ДУИ поднесоа оставки
Владините функционери од ДУИ поднесоа оставки. Партијата смета дека процесот за излез од политичката криза е компромитиран, поради натамошното објавување на прислушувани разговори. Бараат итна акција од институциите...

Сите министри и заменици- министри од Демократската унија за интеграција во Владата, поднесле оставки до претседателот на владата за спроведување на изборите, Емил Димитриев. Официјална потврда стигна и од кабинетот на Димитриев.
Оставките на министрите и замениците - министри во Владата од Демократската унија за интеграција, доаѓаат една недела пред распуштањето на Собранието, одлука што беше изгласана со мнозинството пратеници. Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми на социјалните мрежи ја објави својата писмена оставка до премиерот задолжен за спроведување на изборите, Емил Димитриев.
Од почетокот на политичката криза, Демократската унија за интеграција одигра конструктивна улога во насока на постигнување на договор за да се вратат стабилноста и безбедноста во земјата. Партијата го поддржа основањето на Специјалното јавно обвинителство со мандат за гонење на делата кои произлегуваат од прислушуваните материјали, стои во дописот до медиумите. Интегративците, како што се вели во објаснувањето за потегот да се повлечат министрите од извршната власт, со жалење констатираат дека овој процес веќе е компромитиран, како последица на масовното нелегално прилушкување како и поради нивната понатамошна дистрибуција во рацете на како што се наведува криминалци, со цел да се злоупотребат во разни „Фабрики за афери“.
ДУИ бара институциите, особено Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да преземат итни мерки за да се уапсат, како што се нарекуваат фалсификаторите и дистрибутерите на монтираните материјали.
ДУИ го повикува и специјалниот обвинител веднаш да се вклучи во истрагата на овој сериозен криминал, кој има цел да го загрози личниот интегритет на јавни личности.
Од почетокот на откривањето на незаконските прислушкувања од страна на македонската опозиција, Демократската унија за интеграција побара да се објавуваат сите автентични нелегални разговори поврзани со криминалот и злоупотребата на функцијата, но центрите кои се борат против ДУИ од 2002 година, произведуваат монтирани прислушкувани разговори кои апсолутно се неприфатливи и претставуваат низок и нечовечки метод на политички и лични напади.
ДУИ не е причината за кризата, но е жртва на девалвација и процес на компромис и затоа реши да ги повлече своите актуелни членови во извршната власт,стои во соопштението. Ваквата одлука беше донесена доцна синоќа на седница на Централното претседателство во Мала речица.
На лидерот на партијата Ахмети му се даваат одврзани раце да решава за натамошните чекори на партијата. ДУИ ја информира локалната и меѓународната јавност дека ќе ги преиспита своите политики во наредните денови. Инаку,во Владата, интегративците партиципираа со 8 министри и 4 заменици.
Еден од министрите, Висар Фида, лани во ноември поднесе оставка, а на негово место не е именувано друго лице. Каков ќе биде натамошниот епилог е се уште неизвесно.
Она што е засега фактичка ситуација е дека за 7 дена Собранието треба да се распушти, а предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 5-ти јуни.
Милчо Велески
