Агенција за пошти

Јавниот увид во поштенските адреси е упад во приватноста

01.04.2016 16:14

Јавниот увид во поштенските адреси на граѓаните, запишани во избирачкиот список, претставува упад во приватноста – предупредува Агенцијата за пошти. Според директорот – иако во изборниот законик ја има одредбата за јавно објавување на избирачкиот список, проблем е достапноста, бидејќи на удар биле правата на граѓаните. Агенцијата стравува дека е можно податоците да бидат злоупотребени...

Јавниот увид во приватните поштенски адреси на преку милион и 600 илјади лица запишани во избирачкиот список  е директна закана по приватноста и безбедноста на граѓаните, велат од агенцијата за пошти. Директорот Влатко Атанасоски предупреди дека со објавување на адресите на интернет, граѓаните стануваат потенцијална мета на криминални организации, финансиски измами, со можност да им биде украден идентитетот,  да добиваат компромитирачки писма, предмети, да им бидат упатувани закани. Ова се само дел од причините, зошто Агенцијата побарала институционална реакција од Дирекцијата за заштита на личните податоци за избирачкиот список да биде отстранет од интернет.

Во анализата на Агенцијата за потенцијалните безбедносни закани и ризици од јавниот увид на адресите, велат дека најгрозоморните терористички напади во САД се случиле преку испраќање писма и хакерски напади. Атанасоски вели скандалот кој е веќе предизвикан е речиси невозможно да се спречи, но може да се ограничи со зголемување на безбедноста во поштенскиот сектор .

Од Агенцијата за пошти велат дека во следниот период ќе предложат решенија за надминување на овој пропуст.

 

Викторија Милевска