Одбележан Денот на НАТО: За Македонија нема друга алтернатива

04.04.2016 15:09

Одбележан Денот на НАТО во организација на Евроатлантскиот совет. Министерот за одбрана Јолевски рече дека се надева оти Грција ќе ја почитува Хашката пресуда да не го блокира нашето членство во НАТО. Според американскиот амбасадор Бејли, членството за Алијансата се уште не е завршена работа...

По 25 години од студената војна и 67 од основањето, пред НАТО, единствената глобална воено-политичка организација се испречуваат нови предизвици. Сајбер и хибридната војна, тероризмот, специјалната војна со мигрантите, новите асиметрични закани по безбедноста. Мирот во Европа придонесува северноатлантската алијанса да отвора нови бази во Бугарија, Исланд, Холандија, Романија и во Полска, за што Вашингтон издвои 3,4 милијарди долари. Но, не треба да се пренебрегне и проширувањето на Балканот што е и натаму предизвик за евроатлантската безбедност. За Македонија нема друга алтернатива, нагласи министерот за одбрана на Македонија.

„На самитот во Букурешт беше истакнато дека Македонија ги исполнува условите за членство во НАТО, а не ја добивме поканата заради познатите причини. Се надевам дека на самитот во Варшава нашиот јужен сосед ќе ја почитува пресудата и препораката на високиот судски орган на светската организација Меѓународниот суд за правдата“, истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Регионалната соработка е изразена во создавањето балкански центар на воената медицина со седиште во Скопје. Постои и можност во главниот град за постојано од Лариса да се премести штабот на бригадата на Југоисточна Европа. Незавршена работа, така американскиот амбасадор Бејли го оквалификува сегашниот застој при приемот на Македонија во НАТО. Вашингтон и натаму силно ја поддржува интеграцијата на земјава.

„Македонија го поддржува членството на Црна Гора. Но со тоа доаѓа и едно прашање. Кога Македонија ќе ја добие поканата? Знаете дека САД силно го поддржува македонскиот пат кон членството и ни пречи што не е забрзан овој процес.  За тоа има решение во три области: односите со Грција, развој на воените капацитети и во постигнување на демократските вредности“, изјави американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли.

Што се однесува до релациите со Атина, очигледна е македонско-грчката заложба за градење доверба, оцени американскиот дипломат. Од витално значење е исполнувањето на јунско-јулскиот политички договор поради степенот на веродостојност и владеењето на правото. Истоветен е и ставот на Евроатлансткиот совет на Македонија, со решавањето на политичката криза се отвора можноста за  поканата во Варашава. За амбасадорите на Полска и на Турција, нема дилема околу неопходноста од членство на Македонија.

„Турција смета дека Македонија мора да биде примена во НАТО, зашто без македонија нема стабилност и во целиот регион“, вели Омур Солендил, амбасадор на Турција во Македонија.

„Полска во Варшава ќе го поддржи приемот на Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина“, рече Јачек Мултановски, амбасадор на Полска во Македонија.

Часовникот до наредниот самит на алијансата во Варшава отчукува. За Македонија, што се однесува за членството во НАТО, тоа отчукување трае веќе 17 години.

 

Зоран Богатинов