ПРАВИЛА ЗА ФЕСТИВАЛОТ „ЦВЕТНИЦИ 2016“

31.03.2016 13:03
 

ЈАВНО РАДИОДИФУЗНО ПРЕТПРИЈАТИЕ

МАКЕДОНСКА  РАДИО ТЕЛЕВИЗИЈА

ПРАВИЛА ЗА ФЕСТИВАЛОТ 

 

ЦВЕТНИЦИ  2016“

 

ФЕСТИВАЛ  НА АВТОРСКИ  МЕЛОДИИ ВО ДУХОТ НА ФОЛКЛОРНАТА ТРАДИЦИЈА

 

 

Скопје, март  2016 година

 

 

 

СОДРЖИНА:

 1.        УЧЕСТВО И ЦЕЛ

 2.        НАДЛЕЖНИ ОРГАНИ И ТЕЛА НА ФЕСТИВАЛОТ

 3.      НАГРАДИ

              3.1     НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

             3.2       НАГРАДИ НА ФЕСТИВАЛОТ

4.         КОНКУРС НА ФЕСТИВАЛОТ

             4.1       ДРУГИ ОДРЕДБИ ЗА УЧЕСТВО

5.         ПРАВИЛА ЗА ОДВИВАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ

             5.1      ПРАВИЛА И НАЧИН НА ГЛАСАЊЕ

             5.2      ТЕЛЕВОУТИНГ ГЛАСАЊЕ

             5.3      ГЛАСАЊЕ НА ЖИРИ

6.         ПРАВА НА РАДИОДИФУЗЕРОТ - НОСИТЕЛ НА ЛИЦЕНЦАТА   

7.         ОБВРСКИ НА РАДИОДИФУЗЕРОТ - НОСИТЕЛ НА ЛИЦЕНЦАТА   

8.         ЕТИЧКИ НОРМИ ЗА УЧЕСНИЦИТЕ И АВТОРСКИТЕ ТИМОВИ

 

1. УЧЕСТВО И ЦЕЛ

Со овие правила се уредува начинот и постапката за избор на пријавените композиции на распишаниот конкурс и постапката за натпреварување на избраните композиции на Фестивалот  “ЦВЕТНИЦИ 2016“ година.

Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ - се одржува во организација на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска Радио Телевизија - во понатамошниот текст МРТ  .

Целта на одржување на Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ е подеднаква промоција на афирмирани авторски имиња од областа на новосоздадената музика во духот на народната традиција, но и на нови авторски и интерпретаторски имиња.

 

2. НАДЛЕЖНИ ОРГАНИ И ТЕЛА НА ФЕСТИВАЛОТ “ ЦВЕТНИЦИ 2016

·                  Совет на Фестивалот (го избира Директорот на МРТ, а во неговиот состав е задолжително Координаторот на проектот “ЦВЕТНИЦИ 2016“

·                  Координатор на “ЦВЕТНИЦИ 2016“

          (го избира Директорот  на МРТ) -  Каролина Петковска

·                  Уметнички Директор на Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“

(го избира Директорот на МРТ) -  Никола Мицевски

·                  Работна група/Совет на фестивалот:  ја формира Директорот на МРТ

 

1. Диме Ратајкоски - одговорен уредник на Прв програмски сервис на МТВ

2.Никола  Мицевски  -  Уметнички Директор на Фестивалот

3. Мери Попова - извршен уредник на Културно Уметничка програма

4. Каролина Петковска - проект координатор

5. Наталија  Зафировска  - Главен Продуцент на проектот

· Стручното жири за селекција на композициите пријавени на Конкурсот за Фестивалот го избира Советот на Фестивалот на МРТ.                                      

 

Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ - ќе се одржи во една вечер, која ќе се проследи  низ директен ТВ пренос на 23.04.2016 година , во Студиото 1 на МТВ.

Во случај на промена на програмската шема, МРТ го задржува правото на промена на програмата и утврдените термини за емитување на емисиите и одржување на Фестивалот од горната ставка.

На фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ ќе земат учество вкупно, не повеќе од 14 композиции кои ќе се одберат врз основа на јавниот конкурс објавен на : 08.02.2016  со траење до 25.02.2016 година.

Доколку на конкурсот не пристигнат доволен број на композиции или доволен број на квалитетни композиции според оценката на стручното жири за селекција на композициите, МРТ го задржува правото да направи нарачки од познати, докажани автори во Р. Македонија и за истите надоместокот би бил во висина од 42 000 денари: во однос 25:25:25:25 % за комплетниот авторско изведувачки тим на композицијата( музика/текст/аранжман/изведувач).

Со работата на Стручното жири за селекција на композициите раководи уметничкиот директор. Доколку за некоја песна селекционата комисија се изјасни со изедначен број на гласови, конечната одлука ја донесува уметничкиот директор.

 

3. НАГРАДИ

3.1 НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО 

По предлог на Директорот на МРТ, на “ЦВЕТНИЦИ 2016“, ќе се додели една награда за животно дело во висина од 60.000,оо денари.

3.2 НАГРАДИ НА ФЕСТИВАЛОТ

Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“, ќе има натпреварувачки карактер, при што за конечниот пласман одлучуваат гласовите на телевоутинг во текот на директниот пренос на Фестивалот и на Стручното жири во сооднос  50:50 %.  

Првопласираната композиција на Фестивалот ќе биде наградена со сума од  600.000 денари, второпласираната со сума од 450.000 денари и третопласираната композиција на фестивалот со сума од 300.000 денари, истите наменети за комплетниот авторско изведувачки тим на наградената композиција во сооднос  25:25:25:25 % ( музика/текст/аранжман/изведувач).

 

4. КОНКУРС ЗА ФЕСТИВАЛОТ ЦВЕТНИЦИ  2016

МРТ објавува конкурс со следнава содржина :

Конкурс за фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“

Македонската Радио Телевизија распишува конкурс за избор на оригинални, новосоздадени  авторски песни во духот на македонската фолклорна музичка традиција, коишто ќе бидат изведени на фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ во Скопје.

  • Песните  коишто ќе бидат испратени на конкурсот, треба да бидат во духот на македонската  мелопоетска традиција, со текст на македонски јазик, со задржани ритмичко-мелопоетски структури, со слобода за современи хармонски и аранжерски авторски решенија .
  • На конкурсот учествуваат комплетни авторско – изведувачки тимови, со композиции снимени  како квалитетна демо снимка со вокал кој добро ќе ја изразува музичко – текстуалната смисла на композицијата, и текст во три примероци, на аудио ЦД формат.
  • Еден авторско изведувачки тим може да учествува на конкурсот со повеќе композиции.
  • Вкупното времетраење на композициите не смее  да надминува 4 минути, а истите не смеат да бидат претходно изведувани или снимени на носач на звук.
  • МРТ го задржува правото на прво јавно изведување на песните со Големиот Народен Оркестар, како и издавање на композициите коишто ќе бидат примени на конкурсот.
  • Секоја композиција селектирана на конкурсот, ќе добие финансиски надомест од 42 ооо денари за комплетниот авторско – изведувачки тим.
  • Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“, ќе има натпреварувачки карактер, при што за конечниот пласман  одлучуваат гласовите на телевоутинг и стручно жири во сооднос 50:50 %. Победничката композиција на Фестивалот ќе биде наградена со сума од 600.000,оо денари, второпласираната со сума од 450.000,оо денари и третопласираната композиција со сума од 300,000,оо денари.
  • Право на учество на конкурсот има секој полнолетен граѓанин на Република Македонија .
  • Песните за конкурсот со демо снимка на ЦД, во затворен коверт, се испраќаат по пошта на адреса: Македонска  Радио Телевизија , со назнака ЗА ФЕСТИВАЛОТ „ЦВЕТНИЦИ“ 2016 , бул.„Гоце Делчев“ број 18, 1000 Скопје, или се доставуваат директно во архивата на ЈРП МРТ.
  • Конкурсот трае до 1-ви март  2016 година.
  • Материјалите пристигнати на конкурсот, МРТ нема обврска да ги враќа на авторите.

4.1    ДРУГИ ОДРЕДБИ ЗА УЧЕСТВО

Задолжително е строго  почитување  на  рокот за пријавување на конкурсот.

Членовите на стручната комисија за селектирање на пристигнатите композиции  ќе потпишат изјави дека не учествувале на конкурсот.

Во случај сепак да се утврди  прекршување на ова правило, Координаторот на проектот, во договор со Фестивалскиот совет на МРТ, има право да го смени тој член на жирито. Пријателските релации меѓу членовите на жирито и членовите на авторските тимови не се сметаат за прекршување на ова правило.

Советот на фестивалот го задржува правото (во договор со авторскиот тим) за избор на аранжери и изведувачи  на примените композиции.

Советот на фестивалот го задржува правото на промена на веќе избраниот изведувач на одредена композиција сé до денот на почетокот на фестивалот. Во случај на спреченост за учество на фестивалот поради виша сила, Советот на фестивалот има право да го смени изведувачот и по започнувањето на постапката за реализација на фестивалот.

Изведувачите - учесниците на Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ - на денот на  учеството на  фестивалот не смеат да бидат помлади од 16 години. 

Изведувачите на избраните композиции не подлежат на обврската  задолжително да се државјани на Република Македонија.                                                                                         

Авторите и изведувачите на композициите кои ќе бидат одбрани за  учество на Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“, мораат да ги исполнат следните услови:

1. Композицијата треба да биде во траење до 4 минути,

2. Композицијата треба да се достави до МРТ, односно до уметничкиот директор најдоцна до 20.04.2016 до 14.00 часот  и треба да содржи Демо снимка  со вокал и текст

3. Да се достави план за сценскиот настап најдоцна до 15 ти април 2016 до 14.00 часот, односно приближни позиции на изведувачите, притоа да се предвиди и максималниот број на изведувачи.        

4. На Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ композициите ќе бидат изведени во живо. За сите евентуално специфични елементи во сопственото шоу, авторскиот тим ќе треба благовремено да го извести организаторот, кој ќе настојува да им излезе во пресрет според своите можности и критериуми.

5. Сите автори и изведувачи се обврзуваат да учествуваат на сите проби согласно планот за работа на МРТ.

Распоредот и тајмингот за пробите ќе биде навремено доставен до сите учесници и строго ќе се  почитува.

6. Композицијата и нејзината изведба треба да бидат во духот на Македонската мелопоетска  традиција и при тоа не смее да пропагира било каква форма на дискриминација, не смее да ги навредува честа, угледот, националната, верската, расната и полната припадност на било која личност при тоа особено имајќи ги предвид дигнитетот на МРТ и на граѓаните на Македонија.

Авторите се обврзуваат да се придржуваат кон барањата на МРТ и да ги направат потребните измени односно доработка на музиката, текстот или аранжманот, ако тоа  го оцени за потребно советот на фестивалот преку уметничкиот директор, заради постигнување на подобар квалитет  на композицијата и на изведбата.

5. ПРАВИЛА ЗА ОДВИВАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ “Цветници“  2016                        

Извлекувањето на редоследот за настапот на Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ ќе биде јавно и ќе се одржи во специјална емисија на програмите на МРТ, во која сите изведувачи се обврзани на присуство. Терминот на емисијата ќе биде дополнително и навремено објавен.

На фестивалската вечер која ќе се одржи на 23- ти април 2016 година ќе учествуваат вкупно 14 композиции.

5.1 ПРАВИЛА И НАЧИН НА ГЛАСАЊЕ

Победникот и конечниот пласман на секоја композиција и интерпретатор на фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ ќе биде одреден со гласовите добиени според телевоутингот и поените од гласањето на стручното жири, во однос 50 : 50 %  според евровизискиот принцип на гласање, при што: првопласираниот интерпретатор и композиција , според вкупниот број на поени од телевоутингот и стручното жири добива 12, следнанта 10, потоа 8,7,6,5,...се до композицијата којашто добива 1 поен. Во случај на подеднаков број  вкупни поени за две или повеќе композиции, предност ќе има мислењето на стручното жири.

5.2 ТЕЛЕВОУТИНГ ГЛАСАЊЕ

            МРТ се обврзува дека ќе обезбеди квалитетна телевоутинг платформа за гласање на која ќе пристигнуваат СМС пораките од сите жители на Р.Македонија, и тоа од еден телефонски број - право на давање на само еден глас, односно една СМС порака.

            Композицијата со најголем број гласови добиени според телевоутингот добива 12 поени, следната 10, потоа 8,7,6...се до композицијата којашто според бројот на гласовите од телевоутингот  добива 1 поен. Вака добиените поени потоа се додаваат на гласовите од стручното жири во однос 50:50, со што според евровизискиот принцип на гласање се одредува и конечниот пласман на композициите и изведувачите од фестивалската вечер.

            Во случај на подеднаков број пристигнати СМС пораки за две или повеќе композиции, предност и повисок пласман во рангирањето ќе има композицијата којашто има повисоко место, односно реден број за настап.

 

5.3 ГЛАСАЊЕ НА ЖИРИ

               Правила за работа на стручно жири на фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“:

1. МРТ одлучи да одбере петчлено жири составено од етаблирани и докажани имиња од областа на музиката и музичката сцена во Македонија коишто ќе ги дадат своите гласови на Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“, кој ќе се одржи на 23.04. 2016. Нивните гласови, во комбинација со телевоутинг а во сооднос 50%-50%, ќе го одлучат конечниот пласман на сите композиции.

2. Сите  членови на жирито навремено ќе ги добијат аудио снимките од сите 14 композиции за интерно преслушување, а своите гласови ќе ги депонираат  врз основ на проследување на комплетната изведба во живо.

3.Секој член на стручното жири ќе ги оценува сите композиции според Евровизискиот модел: 1 поен за композицијата - прворангирана која што најмногу му се допаѓа, 2 поени за втората, 3,4....се до 14 поени за композицијата којашто најмалку му се допаѓа.

4. Сите гласови ЗБИРНО СОБРАНИ од петтчленото стручно жири се претвораат во конечни поени и тоа: 12 поени (најмногу поени) добива композицијата којашто има најмалку собрани поени (од 1 – 14) од страна на петтчленото жири, 10 поени за второпласираната, 8 поени за третопласираната, потоа 7,6,5,4,3,2 и 1 поен за композицијата која што обезбедува НАЈМНОГУ поени од мислењето на стручното жири. Во случај на подеднаков број  вкупни поени за две или повеќе композиции, ќе има предност оценката на најмладиот член од жирито.

МРТ има обврска јавно да ги соопшти имињата и куси биографии на сите членови на жирито кои ќе учествуваат во гласањето, како и јавно соопштување на збирот на нивните гласови.

 

1.    Секој член од стручното  жири ќе потпише изјава, со којашто ќе потврди дека нема судир на интереси, со било кој интерпретатор или член на авторски тим.

 

2.    Сите гласови (поени) на секој член од стручното жири коешто  партиципира во оваа процедура на жирирање, заедно ќе ги оформат 50-те проценти од вкупните гласови на фестивалот, односно гласовите на вкупните поени на стручното жири , коишто ќе се преточат во  конечните заеднички поени на стручното жири (12 поени за првопласираната, 10,8....1 од сручното жири). Другите 50% ќе се добијат по пат на телевоутинг во текот на директниот ТВ и радио пренос на 23 ти  април со почеток од 20:30 часот.

 

6. ПРАВА НА РАДИОДИФУЗЕРОТ - НОСИТЕЛ НА ЛИЦЕНЦАТА   

Изведувачите и авторите и го отстапуваат на МРТ правото на телевизиско и радио емитување на композициите, што значи дека до завршување на  Фестивалот, наведените композиции нема да се изведуваат лично или во аудио и видео формат на другите радио и ТВ  станици, како и други медиуми (интернет) и програми во земјата и во странство, освен ТВ и Радио материјалот што МРТ ќе го изработи за таа намена.   

Во случај на прекршување на ова одредба, емитуваната композиција ќе биде дисквалификувана.

Учесниците на фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ авторите на музика, текст и аранжман, изведувачите и други (во понатамошниот текст ДЕЛО) должни се да ги пренесат следните права на МРТ:

1. Право на прво јавно изведување на делото во целост.

2. Исклучиво право на директен пренос и снимање на изведбата на делото во склоп на фестивалот или посебно (аудио и видео) во сопствено производство или копродукција  со трети лица со сите познати технички постапки или оние кои ќе се развијат во иднина, неограничено право на емитување на делото во рамките на фестивалот или посебно за други свои потреби, за сите свои ТВ и Радио програми преку земска, сателитска или кабелска телевизија, интернет, мобилна телефонија и др. во кој било технички стандард (аналоген, дигитален, ХД).

3. Исклучиво и неограничено право на користење на снимката од изведбата на делото на самиот фестивал (аудио и видео ) со нелинеарен состав - он деманд (на барање) преку познати технички постапки или оние кои ќе се развијат во иднина преку земска, сателитска или кабелска телевизија, интернет, мобилна телефонија, мобилни приемници за прием и емитување на кој било вид на опрема (тв приемник, големи екрани, компјутерски програм, мобилни телефони, ринг тонови и др.) на кој било технички стандард (аналоген, дигитален, ХД) вклучувајки и интерактивен состав.

4. Исклучиво право на издавање на делото во склоп на фестивалот во  сопствено  производство или во копродукција со други издавачи на носачи на звук и слика (аудио касети, видео касети, ЦД-а, ДВД-а и др.), право на печатење на делото во графичка форма.

5. Исклучиво право на продажба на делото, односно на програмата (емисии) која го содржи делото, на РТВ организации или на трети  лица во земјата и странство и право на размена на таквите програми со РТВ организации во земјата и странство.  

6. Право на користење на инсерти од изведбата на  делото на  фестивалот  во  други  аудиовизуелни  дела  и  во ТВ и радио програми.

7. Право на преведување на делото преку тонска обработка или титлување на странски јазици.

8.  Право на користење на делото во спонзорирани програми.

9. Исклучиво и неограничено право на емитување и комерцијално користење на ТВ снимките со делото, неограничено право на користење на снимката од фестивалската вечер, како и доработка на таа снимка за потребите на програмите на МРТ.

10. Исклучиво право на користење, репродукција, печатење и објавување на имиња, слики, глас, биографија и фотографии изработени за промоција на делото во врска со фестивалот ЦВЕТНИЦИ 2016  на неограничено време.

11. Право на користење  на  делото  за ринг-тонови, реални тонови, полифони мелодии, њалл папер и Мp3 download  на мобилни телефони.

Авторите на композицииите и учесниците на Фестивалот ЦВЕТНИЦИ  2016 ,  должни  се на  МРТ да и  ги отстапат и следните права:

1. Исклучиво право на јавно изведување во склоп на програмските потреби

2. Неограничено право на емитување на снимката на делото  во ТВ и радио програми, емитување во јавни и затворени простори преку земска, сателитска и кабелска телевизија, интернет, мобилни телефони, мобилни приемниции др. во кој било технички стандард (аналоген, дигитален, ХД)

3. Исклучиво право на користење на инсерти на делата од “ЦВЕТНИЦИ 2016“ во други аудиовизуелни дела и радио програми.

4. Исклучиво право на издавање, дистрибуција, продажба и друго користење на делото на носачи на звук и/или слика и звук-ЦД и ДВД или слично, како и дигитално издание заедно со останатите композиции учеснички на фестивалот  “ЦВЕТНИЦИ 2016“, како и користење на делото за промоција на тие изданија, како и други снимени видео материјали во склоп на фестивалот  “ЦВЕТНИЦИ 2016“ за потреба на издавање на ДВД , право на печатење на текстот на делото во графичка форма за потребите на омотот на носачот на звук и/или слика и звук и на службената веб страница на натпреварот за  “ЦВЕТНИЦИ 2016“.

5. Исклучиво право за објавување на делото преку мобилентелефони/или мемориска картичка за мобилни апарати, заедно со сите песни учеснички на “ЦВЕТНИЦИ 2016“ вклучувајќи и караоке верзија (верзии без главен вокал) како и видео издание со останатите изведби на натпреварот.

6. Исклучиво право на дистрибуција на дигиталните изданија (download за персонални компјутери или мобилни уреди/апарати) заедно со сите песни учеснички на натпреварот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ вклучувајќи и караоке верзија (верзии без главен вокал), како и видео издание со останатите изведби на натпреварот.                                                                                                                                    

7. Исклучиво право на користење, репродукција, печатење и објавување на имиња, слики, глас, биографии и фотографии изработени во врска со промоцијата на делото поврзано со “ЦВЕТНИЦИ 2016“ на неограничено време. 

МРТ го задржува правото да договара други права со трети лица за искористување на делото од овој член.

 

7. ОБВРСКИ НА РАДИОДИФУЗЕРОТ - НОСИТЕЛ НА ЛИЦЕНЦАТА  

1. МРТ се обврзува да ги обезбеди сите технички услови за одржување на Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“.

2. МРТ како организатор на овој фестивал се обврзува да приреди телевизиско шоу, низ директен телевизиски пренос на Првиот  програмски сервис на МТВ, на Сателитскиот канал на МТВ и на програмите на МРА, со крајна цел изборот да биде транспарентен и максимално да ги афирмира учесниците на Фестивалот.

3. МРТ има обврска на оркестарот да му обезбеди услови за изведба во живо.

4. МРТ се обврзува да ги обезбеди сите други услови за презентација на секоја композиција, вклучувајќи ги сите придружни елементи што изведувачот (тимот) ќе ги побара: соодветен простор  за  танчерска група и придружни вокали што ќе ги определи авторскиот тим, како и простор за различни, специфични иструменти, за кои авторите сметаат го комплетираат нивниот настап но при тоа, навремено да се  информира организаторот на фестивалот за истите, притоа ќе треба да го имаат   во предвид просторот што ќе биде обезбеден за сценското преставување на нивната творба и да го димензионираат настапот според дадениот простор.

5. Во случај на непредвидена ситуација или техничка грешка на  радиодифузерот, кои би влијаеле  врз квалитетно презентирање на некоја композиција, на барање  на авторскиот тим до Уметничкиот директор на  Фестивалот, организаторот треба да овозможи  повторна  изведба,  веднаш или  по  пауза што ќе биде потребна за отстранување на техничкиот проблем.

6. МРТ има обврска во договор со авторскиот тим да провери дали изведбата  на  секоја  композиција  е во рамките на пропишаното времетраење (не подолга од 4 - четири  минути).

7. МРТ нема обврска финансиски да учествува во кореографијата на учесниците на фестивалот.

8. МРТ не учествува во трошоците за гардероба на учесниците на фестивалот  “ЦВЕТНИЦИ 2016“.

9.  МРТ се обврзува на своите програми да не фаворизира ниту еден од учесниците на каков и да е начин.

10. По извршената селекција Советот на фестивалот има обврска да ги запознае учесниците со правилата за учество на оваа манифестација, а тие, со своерачен потпис треба да потврдат дека се запознати и ги разбираат истите. Во случај поединец или авторски тим, одбран во финалниот избор да не се согласи со одредбите напишани во Правилата за учество, се смета дека се откажал од учеството на Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“.

11. МРТ се обврзува транспаретно да ги информира печатените и електронските медиуми за сите сегменти од овој проект, со  исклучок на оние кои навлегуваат во деловните тајни на куќата.

12. МРТ се обврзува да ги соопшти насловите на селектираните композиции од Конкурсот, како и композициите одбрани по пат на нарачка од страна на Фестивалскиот совет, со соопштение до јавноста и печатените и електронски медиуми во Македонија, како и да организира јавно извлекување за редоследот на настап на  учесниците на Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ во специјална емисија на програмата на МТВ.

Согласно финансиските можности, МРТ ќе учествува во дизајнирање и изработка на пропагандни материјали за промотивната кампања на Фестивалот” “ЦВЕТНИЦИ 2016“.

8. ЕТИЧКИ НОРМИ ЗА УЧЕСНИЦИТЕ И АВТОРСКИТЕ ТИМОВИ

Сите страни инволвирани во Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ треба да сторат сé што е во нивна моќ за да креираат тимска атмосфера чувството за зедничка цел во контекст на точка 1 од Правилата за учество. Сите форми на контакт меѓу инволвираните страни, вклучени во проектот треба да имаат фер карактеристики, без настојувања по секоја цена да се потенцираат евентуалните недостатоци на самиот проект или на настапот на некој од учесниците. Секоја евентуална забелешка или предлог за подобрување на овој проект е добредојдена и може да биде упатена директно до Координаторот на проектот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ или до фестивалскиот Совет.

МРТ се обврзува транспаретно да го информира секој заинтересиран за  текот на проектот во која и да е негова фаза. МРТ во секој момент ќе биде подготвена, согласно позитивната законска регулатива  да ја санкционира секоја тенденција за нарушување на интегритетот на проектот “ЦВЕТНИЦИ 2016“. Со земањето учество на Фестивалот “ЦВЕТНИЦИ 2016“ авторите и изведувачите во целост го прифаќаат овој Правилник.

 

Јавно радиодифузно претпријатие

МАКЕДОНСКА РАДИО ТЕЛЕВИЗИЈА