„Мосак Фонсека“: Жртви сме на внатрешен хакерски напад

06.04.2016 15:57

Ко- основачот на „Мосак Фонсека“ соопшти дека компанијата била жртва на внатрешен хакерски напад, додавајќи дека поднел тужба до обвинителството. Адвокатот Рамон Фонсека истакна дека електронската пошта на фирмата била погрешно толкувана.

Адвокатот Рамон Фонсека, од чија што фирма „Мосак Фонсека“ беа разоткриени 11,5 милиони документи за перење пари и затајување данок од страна на богати и влијателни луѓе ширум светот, соопшти дека компанијата била жртва на внатрешен хакерски напад, додавајќи дека поднел тужба до обвинителството. Тој навел и дека на тој начин биле украдени имињата на светските лидери и познати личности кои ги криеле парите во даночните оази. Адвокатот истакна дека електронската пошта на фирмата била погрешно толкувана.

„Мејловите се целосно извадени од контекст. На пример, од Бразил има мејл од 2005 година и верувам дека тогаш се префрлавме на дигиталниот систем. Но, тоа беше тогаш. Нема никаква врска со нешто што се случува денеска“, вели Фонсека.

Фонсека истакна дека во медиумското известување за скандалот никој не го споменал хакерскиот напад, и дека тоа е единственото кривично дело. Тој се пожали дека медиумите известувале за протечените информации фокусирајќи се на познатите клиенти коишто преку таа фирма основале офшор компании.

„Поднесовме тужба и владините институции ја разгледуваат состојбата и ни помагаат. Исто така и меѓународни експерти ни помагаат да откриеме што се случило. Но засега се уште нема ништо конкретно, немаме докази“, нагласува Фонсека.

Едногодишната истрага на меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари која се однесува на периодот од 1977 до 2015 година покажа дека некои од фирмите регистрирани во даночните оази биле користени за перење пари, трговија со оружје и за затајување данок. До документите од компанијата „Мосак Фонсека“ прв дојде германски „Зидојче Цајтунг“ кој потоа ги подели со медиумските организации.

Марина Автовска