ЕУ и САД: Посветеност за спроведување на политичките договори

08.04.2016 12:07

Политичките лидери имаат одговорност да ја вратат земјата на Евро-атлантскиот пат преку спроведување на нивните политички договори, стои во заедничката изјава на ЕУ и САД...

„Политичките лидери имаат одговорност пред своите граѓани да ја вратат земјата назад на Евро-атлантскиот пат со спроведување на нивните политички договори и на итните реформски приоритети“- стои во заедничката изјава на амасадорите на ЕУ и САД, Орав и Бејли.

Ги повикаа политичките лидери во Македонија да го спроведат потпишаното и да обезбедат услови за кредибилни избори. Порачуваат да не се пропушти оваа можност за избори, како онаа на 6-ти април. 

ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и другите учесници во процесот во нивната работа за создавање на услови за кредибилни избори. Ова подразбира прочистување на избирачкиот список, спречување на било каква форма на заплашување или притисок врз гласачите, и обезбедување на фер медиумско покривање. Извесен прогрес е направен, но останува уште многу работа- пишува во задничката изјава.

„ЕУ и САД ќе продолжат да го поддржуваат демократскиот развој на Македонија, што вклучува и избори. Ја поздравуваме работата на Државната изборна комисија, како и напорите на граѓанското општество во унапредување на оваа цел“, велат Орав и Бејли.

Од Брисел се огласи и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини. По нејзините контакти со лидерот на опозициската СДСМ, Заев и еврокомесарот Хан, Могерини вели дека имплементацијата на договорот од Пржино и приоритетните реформи остануваат од суштинско значење за земјата. Неопходно е сите политички партии да продолжат да работат заедно за обезбедување кредибилни избори во интерес на државата и на граѓаните, наведува Могерини.

 

Миле Ристески