Во Охрид започна четвртиот „Кодфест“
Во Охрид започна четвртиот „Кодфест“ на кој учествуваат млади програмери, експерти и претставници на големи ИТ компании од земјата и странство. Настанот започна со еднодневна технолошка конференција, а утре стартува триесет и две часовниот програмерски маратон на кој учество ќе земат студенти од Македонија и странство...

Континуираната работа е најбитната алка во синџирот која води кон успехот. Ова на своите помлади колеги на отворањето на „Кодфест“ им го порача Благој Трајковски кој работи како инженер за траспортни мрежи во Гугл од Даблин, Република Ирска. Пред неколку години и тој бил дел од „Кодфест“, а сега е тука да ги пренесе своите искуства за методите и клучните елементи што водат кон успехот во кариерата на секој млад програмер.
„Имаме една добра изјава од министерката дека талентот нема пасош и националност и би рекол дека не треба да се оптеретуваме дека ние сме Македонци и доаѓаме од мала земја. Ние сме луѓе како и сите други со свои таленти и треба да се фокусираме на нив и да вложуваме во нашите таленти, а успехот ќе си дојде“, изјави Благој Трајковски, инженер во Гугл.
Учеството на „Кодфест“ на многу млади и талентирани лица им даде силна поддршка да зачекорат во светот на бизнисот.
„Веќе се формирани неколку старт-ап тимови коишто произлегле од токму од Кодфест, а кои што денеска работат како успешни стартап тимови и како регистрирани компании. Мислам дека тоа е навистина успех бидејќи почнале како студенти, го изоделе тој пат преку програмата и поддршката којашто ние како Кодфест им ја нудиме и успеале забрзано да стигнат до тој момент“, изјави Јасна Тренгоска, „Кодфест“.
Претставници на големи светски и домашни компании, како и врвни ИТ експерти на младите програмери ќе им помогнат нивните идеи да добијат живот.
„Како држава веќе направивме солидна инфраструктура за ова и тоа светот го препознава. Значи, ние имаме еден добар еко-систем за развој на ИКТ бизнисот, имаме солидна информатичко-комуникациска инфраструктура, имаме талентирани и образовани млади и имаме претприемачки дух којшто се повеќе и повеќе се развива“, изјави Марта Арсовска- Томовска, министер за информатичко општество и администрација.
Во рамките на „Кодфест“ утре започнува 32-часовниот програмерски маратон на кој учество ќе земат 54 тимови млади програмери од земјата и странство.
Сашо Нелоски
