Над 400 жртви и над 2.000 повредени во земјотресот во Еквадор
Над 400 жртви е билансот од земјотресот што го погоди Еквадор. Повредени се повеќе од 2.000 лица. САД ќе испрати експертски тимови за помош...

Спасувачките екипи во Еквадор извлекоа тројца преживеани под урнатините на трговски центар во Манта два дена по земјотресот во кој беа повредени над 2.000 луѓе. Во некои провинции е прогласена вонредна состојба.
„Не можам да сфатам што се случи. Ова е ужасно... Како да ви објаснам?! Сите плачеа, врескаа, се уриваа згради... Ни рекоа дека со ова можеме да ги нахраниме семејствата... Се плашиме од нови земјотреси. Не сме спиеле со денови“, сведочат жителите.
За некого природната катастрофа донесе шанса за слобода. Полицијата успеа да фати 35-мина од вкупно 130 затвореници кои ја искористиле природната катастрофа за да побегнат од затворот Ел Родео во Портовиејо. За одржувањето на редот и мирот се мобилизирани 13 илјади полицајци.
Земјотресот во Еквадор се случи неколку дена по големите земјотреси во Јапонија. Иако и двете земји се дел од таканаречениот „Огнен прстен“ на Пацификиот, американскиот геофизички институт смета дека несреќите не се поврзани поради големото растојание меѓу државите. САД најавија дека ќе пратат експертски тим за помош на Еквадор.
