Трамп и Клинтон победници на прелиминарните избор во Њујорк

20.04.2016 10:16

Републиканецот Доналд Трамп и демократот Хилари Клинтон победија на прелиминарните избори во Њујорк. Со ова Трамп и Клинтон ги заврстија водечките позиици како претседателски кандидати на Републиканската и Демократската партија.

Доналд Трамп и Хилари Клинтон освоија клучна победа на прелиминарните избори на домашен терен во Њујорк. Со оваа победа, Доналд Трамп ја зацврсти водечката позиција како претседателски кандидат на Републиканската партија и е на чекор да ја освои номинацијата на конвенцијата во јули.

„Ќе ги искористиме нашите бизнисмени да преговараат за неверојатни трговски договори, со што ќе ги вратиме работните места назад и нема да дозволиме нашите компании да одат во Мексико и други земји. Ќе ги задржиме работните места овде и ќе бидете многу горди на државата многу брзо. Ќе ја изградиме нашата војска, поголема, подобра, посилна од кога и било порано. И никој нема да се расправа со нас“, изјави Доналд Трамппретседателски кандидат на Републиканската партија.

Со победата над противкандидатот Берни Сендерс, Хилари Клинтон ја прекина серијата порази во неколку сојузни држави и се врати во изборната трка како најсериозен кандидат на Демократската партија. 

„Америка е нација што решава проблеми. И во оваа кампања поставуваме смели, прогресивни цели врз основа на вистински планови за подобрување на нашите животи, ќе создадат повеќе работни места, ќе донесат достоинство и гордост во животите кај средната класа. Ќе се зголемат надниците и ќе се намалат нееднаквостите. Нашите деца ќе добијат добро образование без разлика каде живеат“, рече Хилари Клинтон-претседателски кандидат на Демократската партија.

Републиканските кандидати Тед Круз и Џон Кесич во наредните месеци до конвенцијата се надеваат дека ќе го спречат Трамп да освои 1.237 делегати и номинацијата за претседателски кандидат на Републиканците. Кај демократите, сенаторот од Вермонт Берни Сендерс најави дека ќе остане во изборната трка се до демократската конвенција.

Идниот вторник ќе се одржат прелиминарни избори во останатите држави на источниот брег, Конектикат, Роуд Ајленд, Делавер, Пенсилванија и Мериленд.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ