Со нова стратегија Охрид ќе го штити старото градско јадро

26.04.2016 16:04

Со нова стратегија Охрид во иднина ќе ги штити објектите во старото градско јадро кои се регистрирани како споменици на културата. Планот го изработија Охридскиот завод и музеј, Општина Охрид и експерти од францускиот град Каен. Според него во наредните пет години ќе се вложат три и пол милиони евра за реставрација и конзервација на фасади на значајни објекти.

Со новата стратегија за интегрална заштита на старото градско јадро на Охрид се планира во наредните пет години да се вложат три и пол милиони евра за реставрација и конзервација на фасадите на објекти во стариот дел на градот. Во моментот се регистрирани 77 поединечни споменици на културата, додека голем број објекти добиле акт дека прекинало нивното културно значење  поради негрижа или несоодветни инвестиции на сопствениците.

„Од разни причини, дали се тотално руинирани, урнати, изградени нови објекти или несоодветни интервенции на нив со дивоградби, доградби, надградби, едноставно го изгубиле својството на културно наследство. Меѓутоа направени се и доста нови објекти кои придонесуваат за историскиот развој на градот“, изјави Горан Патчевархитект Завод и Музеј- Охрид.

Во францускиот град Каен законите се рестриктивни и строги кога се работи за интервенција на заштитени објекти. Поради тоа нивните експерти сметаат дека треба да им се помогне на сопствениците на куќи кои не се во можност самостојно да ги реставрираат и конзервираат нивните имоти.

„Значи најпрво треба да се информира локалното население и што е најважно да се направи тие да си го сакаат своето културно наследство за да може на тој начин да им се објасни дека потоа постојат и правила кои треба да ги почитуваат“, изјави Катрин Жубелурбанист од КаенФранција.

Изработката на планот за интегрална заштита на старото градско јадро произлезе како обврска по прогласувањето на Охрид за културно наследство од особено значење. Покрај охридскиот Завод и Музеј во заштитата на овој дел од градот ќе бидат вклучени локалната самоуправа, повеќе други субјекти, но и граѓаните.

 

Сашо Нелоски