Метода на телемедицина за прв пат во Македонија

27.04.2016 16:09

За прв пат во Република Македонија, Институтот за трансфузиона медицина воведе метода на телемедицина. Денеска во охридската специјална болница „Свети Еразмо“ е пуштена во функција нова опрема, а таква има и во специјалната болница за геникологија и акушерство во Чаир. Резултатите што ќе се прават во овие болници ќе можат да се тумачат во било која друга здравствена установа во Македонија.

Институтот за трансфузиона медицина на Република Македонија за прв пат во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид и во Специјалната болница за геникологија и акушерство во Чаир ја воведе методата на телемедицина. Пуштањето во функција на новата опрема за трансфузиона медицина во охридската болница ќе овозможи резултатите што ќе се прават во оваа здравствена установа да можат да се тумачат во било кој град на Македонија.

„Докторите што се специјалисти по трансфузиона медицина ќе ги тумачат резултатите изработени во овие установи и доколку има било каков проблем или нејаснотија ќе може да се тумачат од експерти кои што се во оваа област или во дадена и потребна област во Институтот за трансфузиона медицина во Скопје“, изјави д-р Емилија Велкова, директор на Институтот за трансфузиона медицина на РМ.

Со новата метода ќе се зголеми брзината на услугите што ги дава Специјалната болница од Охрид, каде што годишно се изведуваат од 1.800 до 2.000 операции.

„Ние сме и како ургентен центар и како хируршка болница, имаме и други оддели, но бидеќи нашите операции се поспецифични се користи големо количество на крв, од сите крвни групи“, вели д-р Митко Тилев, директор на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“- Охрид.

Според планираното резултатите од болницата „Св. Еразмо“ ќе се тумачат во Центарот за дијализа во Струга, а по потреба и во други здравствени установи во земјата.

 

Сашо Нелоски