Дали НАТО ќе биде зајакнат или поделен по самитот во Варшава?
Дали НАТО ќе биде зајакнат или поделен по самитот на Алијансата во Варшава останува да решат земјите членки. Командантот на Командата на НАТО за трансформација предупреди дека НАТО мора да се адаптира за да одговори на современите предизвици.

Варшава е важен чекор кон адаптација на НАТО за да може да одговори на многу предизвици во иднина, изјави командантот на Командата на НАТО за трансформација, генерал Денис Мерсиер. Според него, Алијансата мора да ја потврди воената кредибилност и да постави основи за размена на разузнавачки информации за заканите со што ќе се формира безбедносна мрежа меѓу сојузниците и нивните партнери.
„Прва работа што е апсолутно важна е да се признае дека повеќето од заканите ќе имаат хибридна форма. Тоа значи дека најпрво треба да детектираме на прв поглед неповрзани настани што може да водат кон кризи, да се идентификуваат овие кризи и потоа да се карактеризираат одговорните зад нив. Ова е апсолутно важно зошто ако зборуваме за подготвеност и спремност прва работа е да им дадеме на политичките лидери карактеризација на кризата“, вели генерал Денис Мерсиер, командант на Командата на НАТО за трансформација во Норфолк, Вирџинија.
Единството во НАТО, безбедносните закани и заштита од компјутерски напади ќе бидат теми на кои ќе расправаат сојузниците на самитот во Полска.
„Се соочуваме со закана од тероризам, растечката важност на таканаречената Исламска држава и провоцирани од тоа масивни и неконтролирани миграции“, смета Ришард Шнепф, амбасадор на Република Полска во САД.
Според најновиот извештај на американските експерти „НАТО за новата ера“, Алијансата мора да биде способна да си ја брани својата територија, да го засили военото присуство во Европа, да ги подобри силите за брзо распоредување, да продолжи со поставување на одбранбени системи за заштита од нуклеарни проектили, да подготви нова стратегија за присуството на море, менаџмент на кризи и развивање отпорност на закани однадвор и одвнатре.
„Очекуваме Европа да прави повеќе отколку што прави сега. Направивме едноставна проценка, европските земји членки на ЕУ и на НАТО, или ако сакате сојузници, трошат по жител по 1,1 евро на ден за одбрана. Ако ги гледате САД трошат по жител 6,3 евра дневно на одбраната. Ова ја покажува разликата на одбранбените трошоци на двете страни од Атлантикот. Ако европските сојузници потрошат дополнително по уште 25 евро центи по жител дневно ќе достигнат 2 проценти од БДП за одбранбениот буџет. Секако ова не е неразумен предлог“, изјави Ден Хамилтон, експерт од Центар за трансатлански односи.
Околу проширувањето, експертите сметаат дека НАТО има незавршена работа на Балканот со Македонија. На Шведска и на Финска треба да им се понуди партнерство на повисоко ниво од „Партнерството за мир“ и да се подобри партнерството со Европската Унија, Украина, Јапонија, Австралија, Јужна Кореја и Јордан.
На самитот во Варшава, сојузниците ќе бидат потсетени на членот 3 од Варшавската спогодба според кој секоја земја членка е одговорна пред сѐ сама за својата безбедност.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
