Во пораст бројот на заболени од астма

03.05.2016 14:17

Најголем број од болните се од Скопје. Лекарите велат пациентите добиваат квалитетен здравствен третман, доказ за тоа е малиот број пациенти со тешки асматични напади.

За четири години е двојно зголемен бројот на амбулантски прегледи на пациенти со симптоми на астма. Според лекарите главно станува збор за алергиска астма, но понекогаш може да е посредувано и од вирусни инфекции.

„Тие пациенти доколку се лекуваат правилно не доаѓаат на пулмологија како адултни, но оние кои имаат хронична фаза, не се лекуваат адекватно, односно не ги земаат лековите доволно долго, доаѓаат на Клиниката за третман“, вели д-р Дејан Докиќ, Претседател на македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија.

Најголем број од болните се од Скопје. Лекарите велат пациентите добиваат квалитетен здравствен третман, доказ за тоа е малиот број пациенти со тешки асматични напади. На скопската клиника за консултација во „Мој термин“ се чека два - три дена.

„Има денови кога има и слободни термини кај поголем број од лекарите во амбулантата. Со дополнителната дејност која повторно ќе се воведува на Клиниката, ќе има можност пациентот ако лекарот нема слободен термин за преглед во работно време, да оди на преглед кај него и надвор од неговото работно време за што ќе плати незначително повисок износ отколку со упат“, изјави д-р Бисерка Ќаева, Клиника за пулмологија и алергологија.

До 2025-та година бројот на заболени од астма во светот се очекува да достигне 450 милиони.

Наташа Јанчиќ