Студен бран: Најмногу дожд во Куманово, не се очекуваат поголеми проблеми

03.05.2016 15:08

Дожд врнеше во земјава речиси 48 часа. Најмногу во текот на ноќта наврна во Куманово, 44 литри на квадратен метар, најмалку во Прилеп- 3 литри. Најстудено изутрината беше во Лазарополе со само 1 степен целзиусов. Студеното време има влијание врз пролетната сеидба, особено врз расцутените овошни насади...

Меѓу 40 и 50 литри дожд на квадратен метар наврнаа во текот на ноќта. Најмногу дожд наврна во Куманово и во Пожаране. Зголемен е и водостојот на реките низ земјава. Од Управата за хидрометеролошки работи велат дека најголеми покачувања се бележат на водотеците во северните и во источните делови од државава. Од УХМР велат дека не се очекуваат поголеми проблеми, но препорачуваат внимателност при движењето крај реките и суводолниците, бидејќи има појава на одрони и на слечишта.

„Поголеми покачувања бележиме на реката Црн Дрим, Радика, Кумановска, Липковска, Пчиња, Крива Паланка, горниот тек на Брегалница, Струмица, Црна Река“, вели хидрометерологот Васко Стојов.

Од Центарот за управување со кризи велат дека континуирано ја следат состојбата.

„Центарот навремено ги извести единиците на локалната самоуправа за покревање на оперативната подготвеност на претпријатијата, организациите и институциите кои се дел од системот за управување со кризи, односно за преземање на мерки и активности за чистење на речните корита од пречки кои доведуваат до стеснување на водотеците и излевање на водите“, изјави Тихомир Каранфилов, Центар за управување со кризи.

Синоптичатите велат дека врнежите во наредните денови ќе бидат со послаб интензитет.

„Во следните денови ќе имаме исто така променливо облачно време со повеќе сончеви периоди, а днвените температури ќе бидат во постепен пораст“, вели синоптичарот Борис Секирарски.

Студениот бран проследен со поројни врнежи од дожд го погоди целиот Балкан. И во Србија е вклучен аларм за опасност од поплави во повеќе делови од земјата, а во Словенија има предупредување и за снежни лавини.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска