Професионално новинарство за функционална демократија

03.05.2016 16:08

Светот го одбележува Меѓународниот ден на слободата на медиумите. Советот за етика порача – професионалното новинарство е суштински елемент на демократијата. ЗНМ побара слобода за Божиновски, а МАН санкции за насилството врз новинарите...

„Професионалното новинарство е суштински елемент за функционална демократија и остварување на интересот и правата на граѓаните за пристап до вистинити и објективни информации“, напиша Советот за етика во медиумите. На Светскиот ден на слободат на медиумите, од Советот велат дека подобрениот пристап на јавноста до таквите информации значи и подобрена клима за слободно одвивање на новинарската дејност, почитување на темелните слободи и права на медиумите и заштита на безбедноста на медиумските работници.

Здружението на новинарите на Македонија на денот на слободата на медиумите се солидаризираше со Зоран Божиновски. Според претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, новинарите се дискредитирани и заплашувани од власта, а медиумите станале пропагандна машинерија за манипулација со граѓаните.

Од Македонската асоцијација на новинари велат дека слободата на новинарите е загарантирана и обезбедена со законите, а ограничувањата  во праксата, според нив, се определени од партиските интереси и насилството, кое не е санкционирано. МАН информира дека само во 2016-та година, СДСМ, преку нивни активисти и припадници на невладините организации на Сорос фондацијата, извршиле повеќе од десет физички напади врз новинари и упади во редакции, а ниту еден од тие случаи не е ниту во судска постапка, ниту е санкциониран.

Во последниот извештај на Фридом Хаус, Македонија од делумно-слободна влезе во групата неслободна земја кога станува збор за медиумите.

Игор Панов