Заев: Подготвеност за дијалог ако се исполнат условите
„Писмо од Хан не сум добил. За дијалог сум подготвен, но, ако се исполнат условите, повлекување на аболицијата и фер и демократски избори“- ова е ставот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за последните случувања на политичката сцена. Со свои предлози, денеска излегоа Демократскиот сојуз и ДОМ...

Собраниска седница на која би се поништила одлуката за избори на 5-ти јуни, укинување на помилувањата што ги направи преседателот Иванов – ова за лидерот на опозициската партија се условите по кои е подготвен за дијалог за натамошните чекори на политичката сцена.
„Нашите услови јавно ги соопштивме, укинување на аболицијата и свикување на собранието, заради исполнување на условите за одржаување на регуларни избори. Ако тоа биде ставено на маса, ние сме овде како конструктивен партнер во преговорите, да ги продолжиме за сите детали“, изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Демократската обнова на Македонија повикува на заеднички опозициски форум за менаџирање на кризата. Поповска вели дека не треба да се чека некој однадвор да ги решава проблемите. И демократскиот сојуз предлага седница на Собранието, одлагање на изборите и формирање експертска влада, без како што вели Трајанов, личности со партиски багаж.
„Сите одговорни политичари и сите кои се вмешани во оваа криза и во решавањето на кризата, треба да седнат на заедничка маса и да ја дефинираат платформата. Ние на овој начин партиципираме со нашите видувања и ставови“, вели претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.
„Придобивките ќе бидат повеќекратни. Процесот ќе стане инклузивен со партиципација на сите кои се борат за демократски промени, ќе се збогати понудата на идеи и ќе се измесни неправедниот сооднос“, вели Лилјана Поповска, претседател на ДОМ.
Според Поповска, ваков опозициски форум би бил успешна формула за градење преговарачка позиција со меѓународните посредници во кризата.
Наташа Гркова- Петрушевска
