Надлежните тврдат- менаџирањето со болеста „чвореста кожа“ е успешно

04.05.2016 17:08

Вкупно 11 стада се заболени од „чвореста кожа“. Околу жариштата се воспоставени три заштитни зони. Дополнителниот заменик- министер Николовски вели, можело и порано да се интервенира, побара одговорност од ресорната Агенција. Оттаму велат дека се преземаат мерки...

Единаесет стада се зафатени со болеста „чвореста кожа“, 130 животни се убиени. Оваа болест кај добитокот е присутна во шест области низ земјава- велат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Агенцијата за храна и ветеринарство уште од лани знаела за појава на болеста „чвореста кожа“, но ништо не презела- обвинува дополнителниот заменик министер за земјоделство, Николовски. Според него, Агенцијата тогаш само забранила увоз и транзит на говеда, месо и млеко.

„Денес кога болеста масовно се шири и секојдневно се утврдуваат нови жаришта на болеста во државата, наместо интервентна вакцинација, активностите на АХВ се сведуваат на делење упатства, летоци и совети на сточарите. Доколку уште минатата година се преземеа подготвителни активности ќе се спречеа економските штети кои им се нанесуваат на сточарите поради убивањето на животните, намалената млечност и прирастот во месо“, изјави Љупчо Николовски, дополнителен заминк- министер за земјоделство.

Менаџирањето со болеста е успешно- велат од Агенцијата за храна и ветеринаство. Уште лани е извршена обука на ветеринарите и на сточарите за рано распознавање на болеста. Обезбедени се еден милион евра за набавка на вакцини.

„Податоците покажуваат дека во Бугарија и Грција убиени се околу седум илјади животни, добиток, додека во Македонија бројката се движи околу 130 животни- тоа е огромна разлика во бројка и покажува дека менаџирањето со болеста до овој момент е успешно“, нагласува директорот на АХВ, Зоран Поповски.

„Донесени се сет на мерки и заклучоци кои се однесуваат на формирање на повеќе региони, од аспект кога ќе се појави болеста во одредено жариште да не се пренесува во тоа жариште жива стока, да нема пренесување на млеко“, изјави земеник министерот за земјодеслтво, Ванчо Костадиновски.

Според надлежните, вакцините во земјава ќе бидат испорачани до 20-ти месецов.

 

Андријана Атанасовска