Македонија претставена во Клубот за надворешна политика во Анаполис
Македонија беше претставена пред членовите на Клубот за надворешна политика во американскиот град Анаполис. Американците слушнаа детали за Македонија, нејзината култура и историја, но и за актуелните проблеми како бегалската криза...

Бегалската криза во Европа нема да престане се додека не се стабилизира ситуацијата во Сирија и во регионот. Македонија во последниве години е државата која ја брани европската територија од неконтролираниот прилив на бегалци, изјави македонскиот амбасадор во САД, Васко Наумовски пред членовите на Клубот за надворешна политика во Анаполис.
„Милиони луѓе чекаат да влезат во Европа. Единствен начин за да ја остраниме оваа закана е да се справиме со ситуацијата користејќи ги сите соодветни инструменти што ги имаме. Ова е многу чувствителна ситуација и сите мора да се справат со неа многу внимателно, но не можеме да ги игнорираме проблемиме. Игнорирањето не води кон постигнување решение. Македонија особено, е гранична линија каде бегалците и мигрантите од други држави вклучувајќи и мигранти од земји од Северна Африка се запираат и се спречуваат да одат кон север по постигнувањето на договорот меѓу ЕУ и Турција“, изјави Васко Наумовски, амбасадор на Република Македонија во САД.
Американците слушнаа дека Македонија е земја кандидат за членство во НАТО и во ЕУ и дека со активното учество во мировните мисии придонесува за светскиот мир. Како дел од коалицијата за борба против насилниот екстремизам, меѓу првите држави го усвои законот за спречување на странски борци.
„Мислев дека е важно да ја имаме Македонија бидејќи е во центарот на вниманието овие денови поради бегалската криза со која се соочува Европа. Оваа година ги имавме амбасадорот од Германија и од други земји кои се погодени од бегалската криза. Постои голем интерес во САД, како се менаџира кризата, која ќе биде иднината на Европската Унија како резултат од оваа криза. Македонија е критична држава и се чувствуваме многу привилигирани што го имаме амбасадорот овде“, изјави Ричард Клем, потпретседател на Клубот за надворешна политика во Анаполис.
Членовите на клубот за надворешна политика се интересираа за образованието, економијата и туризмот во Македонија.
Клубовите за надворешна политика, како овој во Анаполис, се места каде Американците се запознаваат со други држави во светот.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
