Петир: Изборите не треба да се одложуваат
Zа исполнетост на условите за избори единствено надлежна е да се изјасни Државната изборна комисија, а не некој однадвор, изјави хрватската европратеничка Маријана Петир пред почетокот на дебатата за политиката на проширување на ЕУ...

Изборите во Македонија веќе не треба да се одложуваат, а за исполнетост на условите за избори единствено надлежна е да се изјасни Државната изборна комисија, а не некој однадвор, изјави хрватската европратеничка Маријана Петир пред почетокот на дебатата за политиката на проширување на ЕУ.
Сите треба да го почитуваат постигнатиот политички договор и заеднички да направат сѐ да ѝ помогнат на Македонија во нејзините евроинтеграции, а билатералните прашања, како она со Грција, не треба се поставуваат како услови за почнување на преговорите. Петир порача дека на Македонија не ѝ треба мешање од надвор.
„Мислам дека на Македонија не ѝ требаат никакви тутори. Мислам дека Македонија, македонските политичари и македонскиот народ се доволно способни да ја водат сопственат внатрешна политика. Ја повикувам ДИК да се изјасни дали избирачките списоци се во ред, и дали сте подготвени за избори или не сте. Дали некој се сомнева во работата на ДИК. Мислам дека постапката за нивното назначување од власта, опозицијата и од експертите е веродостојна и чесна. ДИК е овластено тело и за тоа треба да излезе во јавноста, а не да зборува некој од страна. Ниту јас, ниту некои претставници на странски земји“, изјави Петир.
Хрватската европратеничка нагласи дека ЕУ не може да носи никакви санкции.
„Вие сте независна и суверена држава, имате свој Устав. Јас ја повикувам ЕУ да ѝ помогне на Македонија. Пријателството се покажува кога ќе се сопнете, кога ќе паднете, да ве подигнат, да им се даде добар совет, а не да ве препнат уште повеќе. Такашто никакви санкции не доаѓаат в обѕир“, рече Петир.
