„Јазлеста кожа“: Болеста кај говедата забрзано се шири, формирани заштитни зони околу жариштата

06.05.2016 13:46

За два дена речиси двојно зголемен бројот на заболените грла крупен добиток во земјава од болеста јазлеста кожа. Погодени се 8, а надлежните создадоа заштитни зони во 40-тина општини. Вакцините набавени од Јужна Африка, треба да пристигнат кон крајот на месецов...

Болеста „јазлеста кожа“ кај говедата забрзано се шири во земјава. Коси во осум општини во источна Македонија. Лабораториски е потврдена кај 12 животни во 10 стада – досега убиени се 235 говеда. Формирани се заштитни зони од три, 10 и 50 километри околу жариштата со „јазлеста кожа“.

„Болеста може лесно да се пренесе и во другите делови на Република Македонија бидејќи се пренесува преку вектори. Векторите не можат да се контролираат лесно. Сите инсекти кои летаат, комарци, муви, мушички кои можат да каснат животно го пренесуваат вирусот од едно место на друго. Затоа е опасна оваа болест и ги превземаме сите мерки“, изјави Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Предвидувањата се дека за еден месец би можеле да бидат убиени околу три илјади животни, но секоја прогноза за ширење на болеста би била шпекулација – вели директорот поповскиги отфрла обвинувањата за наводно невнавремено реагирање од страна на државата. До крајот на месецов ќе стигнат и вакцините кои се најдобра превенција.

„Вакцините се произведуваат само за потребите на афричкиот континент каде што е болеста. Капацитетот на производство не може да ги задоволи потребите ниту на Македонија, ниту на Бугарија и Грција, затоа ние стапивме во контакт со таа компанија и навреме ги резервиравме“, изјави Поповски.

Пред убивањето на животните се прави проценка врз која се врши обештетувањето на сточарите – вели директорот поповски. Сопственците на усмртените грла треба да поднесат барање – ќе се обештетуваат со пари од агенцијата за храна и ветеринарство.

Болеста „јазлеста кожа“ во земјава беше потврдена минатиот месец.

Типична е за Африканскиот континент, но со поместувањето на температурните граници, кои се поволни за векторите, преку Блискиот Исток се прошири во Турција, од таму во Грција и во Бугарија. Во овие две земји досега убиени се седум илјади животни.

 

Анријана Атанасовска