20 години Македонија – Русија
Пред 20 години кога Македонија минуваше...
Пред 20 години кога Македонија минуваше низ еден мошне сложен период, Русија безрезервно ја поддржа земјава признавајќи ја под уставното име. Според шефот на македонската дипломатија Попоски, двете земји имаат реална основа за партнерство, пријателство и меѓусебно почитување. Фокус и во наредниот период ќе биде економијата.
„ Економската дипломатија треба да ни претставува алка што ќе продолжиме да ја користиме за привлекување руски инвестиции во Македонија, но и за поголема промоција на македонски производители на рускиот пазар. Треба да ги отвориме пазарите на двете страни во двете земји и да имаме посилна соработка.“ изјави Никола Попоски, министер за надворешни работи
Амбасадорот на Руската федерација пораќа дека се подготвени да направат се за натамошно унапредување на партнерството меѓу двете земји, за доброто на народот и за зацврстување на мирот и стабилноста во регионот. Во Сочи, меѓу 3.000 спортисти од сите континенти, ќе се натпреваруваат и македонски спортисти.
„ Во изминатите 2 децении Русија и Македонија стекнаа богато искуство во конструктивна и творечка соработка. Создадени се цврсти темели за натамошна надградба, сигурен сум дека нашите односи ги очекува прекрасна иднина.“ изјави , Олег Николаевич Шчербак, амбасадор на Руската федерација
Според поранешниот амбасадор во Москва Ристо Никовски, Русија е голем економски, политички, воен и безбедносен фактор.Советува да се посвети поголемо внимание на односите со Руската федерација, како голем играч на светската политичка сцена, бидејќи тоа е во интерес на Македонија.
„Последниот Европски совет покажа дека таму нема реални шанси да се промени ситуацијата поинаку да ја третираат Македонија, додека ние не се прекрстиме и не се откажеме од самите себе, тие нема ништо да преземат. Истовремено, Нимиц покажа дека е во тотален ќорсокак неговиот процес. Од трета страна, Грција е апсолуно на линијата дека ништо нема да преземе зашто што и да направат, може да изгубат.така што не можеме да очекуваме ништо од Грција. Потегот е на нас. Топката е во наш двор и ние треба да преземеме нешто. Русија е една од тие ориентатори кои треба да ни биде на дневен ред. “ истакна Ристо Никовски, поранешен амбасадор во Москва
Русија ја призна независноста на Република Македонија на 4 август 1992 година, една година по распадот на Југославија и прогласувањето на независноста на земјата. Дипломатските односи беа воспоставени на 31 јануари 1994 година.
Ана Јосифоска
