Амбасадори: Итно да се најде решение за кризата
„Мора да се најде излез од оваа сложена состојба, иако не го гледаме нејзиниот крај во моментов“, изјави евроамбасадорот Аиво Орав. Според него, сѐ уште има проблеми со исполнувањето на некои обврски од Пржинскиот договор, а тука е и помилувањето. Амбасдори од земји-членки на Унијата велат дека Македонија мора да се врати на евроатлантската патека...

Политичкиот врв на земјата мора да работи многу брзо и конструктивно, изјави шефот на европската делегација во Македонија, Аиво Орав, коментирајќи го најновиот развој со кандидатурите за пратеници поднесени до ДИК. Мора да се најде излез од оваа сложена состојба, иако не го гледаме нејзиниот крај во моментов, нагласи евроамбасадорот.
„За политичката криза можам да кажам дека гледаме дека нема решенија за напредок. Забележавме дека повеќето од политичките партии нема даучествуваат на изборите. Сѐ уште има проблеми со избирачкиот список, слобода на медиумите и многу сериозниот проблем со одлуката на претседателот иванов, со амнестирањето. Сржта на договорот од Пржино е да се организираат веродостојни избори, а идејата за вакви избори е да се стави крај на политичката криза. За жал, не го гледаме крајот во моментов и прашање е на кој начин овие избори би биле сметани за веродостојни“, изјави Орав.
Сите граѓани треба да бидат еднакви пред законот, а тоа според првиот дипломат на Обединетото Кралство во земјава, го овозможува владеењето на правото.
„Итно треба да се дојде до договор Македонија да излезе од сегашниот ќорсокак. Мора да се најде решение на прашањето на помилувањето бидејќи најважно е за секоја држава за владеењето на правото, сите граѓани да бидат еднакви пред законот“, рече британскиот амбасадор, Чарлс Гарет.
Слична порака испрати и амбасадорот на Холандија, земја-претседавач со Унијата. Македонија да се врати на евроатлантската патека, лидерите да најдат излез од кризата, повика тој.
„Да најдат начин да ја отповикаат одлуката на претседателот за помилување што навистина ги поткопува одговорноста и владеењето на правото. Увидовме и дека само еден од четирите потписници на договорот поднесе листи за избори. Значи ќе недостига веродостојност“, рече амбасадорот Пломп.
Тројцата странски дипломати оценија дека соодветно се реализираат парите од европските фондови за Македонија, односно околу 100 милони евра за инфраструктурата. Тие извршија увид во градежните работи на 28-километарската делница од коридорот 10 меѓу Демир Капија и Смоквица, на амбулантскиот дел на гевгелиската болница, а ги посетија и транзитно-прифатниот центар Винојуг како и македонско-грчката граница кадешто македонските војници и полицајци заедно со полицајците од неколку европски земји заеднички се справуваат со илегалната миграција.
Зоран Богатинов
