Уставниот суд поведе постапка за уставноста и законитоста на одлуката за распуштање на Собранието
Уставниот суд едногласно одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распуштање на Собранието. Донесе времена мерка за запирање на сите изборни дејства. Судот следната недела треба да донесе конечна мериторна одлука за иницијативата за распуштање на Парламентот...

Уставните судии донесоа решение да расправаат и одлучуваат за уставноста на одлуката за распуштање на македонското Собрание. Нивната одлука беше донесена едногласно, по само половина час расправа.
До донесување на конечното решение од страна на судиите, во сила е времената мерка со која се запира спроведувањето на сите дејствија кои произлегуваат по распуштањето на Парламентот. Судот изрази сомнение во однос на одлуките донесени за распуштање на Собранието кои беа со одложено дејство.
Иницијативата за оценување на уставноста ја поднесе ДУИ минатата недела. Иако гласањето на судиите е тајно претседателката Елена Гошева се изјасни дека ќе гласа „за“ и покрај тоа што станува збор за преседан бидејќи Собранието се распушта со поединечен акт, но дека станува збор за државен интерес.
Судот нема да потклекне на притисоците кои сега се најголеми- изјави пред почетокот на седницата Гошева откако утрината зградата на Уставниот суд осамна ишарана од фрлени бои на неа.
„Ова укажува дека некој сака судот да престане да работи. Да не се држат седници, да владее хаос. Овој суд во историјата на своето работење никогаш досега нема доживеано во толкава мера и обем директни притисоци од одредени групи на граѓани, што е недозволиво во една демократска држава“, рече претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на својот Фејсбук профил ја поздрави одлуката на Уставниот суд. Тој посочи дека ваквиот чин е прв чекор во разрешувањето на политичката криза во Македонија. Се очекува следната недела Уставниот суд да ја донесе конечната одлука за уставноста на распиуштањето на македонското Собрание.
Миле Ристески
