Хојт Ји: Лидерите да дејствуваат итно за да ја поправат штетата од помилувањата

19.05.2016 16:17

По средбата со лидерската четворка, американскиот дипломат и заменик на Викторија Нуланд, Хојт Брајан Ји, порача дека лидерите треба итно да реагираат, да се исполнат обврските од договорот и да се поправи штетата од помилувањата.

„Лидерите да дејствуваат итно за да ја поправат штетата направена од помилувањата“- ова е пораката од американскиот дипломат Хојт Ји по разговорите со првите луѓе на големата четворка. Вели дека со одлуката за аболиција се наштетува на кредибилитетот на Македонија како земја која планира да се придружи на Европа и евроатланските институции.

„Специјалниот обвинител треба да има слобода да си ја врши работата без мешање од други- ако биде така, тогаш ќе има подобрување во владеењето на правото и на демократијата во Македонија“ - вели тој.

„Многу е важно лидерите да дејствуваат итно за да ја поправат штетата направена од овие помилувања, и тоа да го направат на начин кој е сеопфатен, јасен и ургентен. Ако лидерите  го направат ова делумно или селективно, тогаш повлекувањето  ќе создаде чувство за изземање од казнување и недостиг од одговорност“, вели Ји.

Спроведувањето на реформите ќе ја изнесе земјата од криза- смета Ји и додава дека е потребно зајакнување на институциите кои ќе изградат одговорна влада, а на народот и лидерите останува да решат кој ќе биде таму.

„Која било и да е влада во прашање ние сакаме да видиме акција, не само зборови, дела, не ветувања, да видиме напредок кон посветеноста што Македонија ја направи според договорот од Пржино, да видиме и дека се востановени услови за одржување избори, слободни и веродостојни, што е можно поскоро. Ние силно го поддржуваме договорот од Пржино. Го поддржуваме принципот дека на Македонија ѝ е потребна влада која ќе ги спроведува реформите произлезени од договорот. Да може да се договара и работи ефикасно со меѓународната заедница, да има неопходен кредибилитет за спроведување на реформите и локално и на меѓународен план за привлекување инвестиции, за да се добие и неопходната меѓународна помош за спроведување на овие реформи. Потребна ни е влада со водство во која ќе нема сомнеж за нејзиниот интегритет. Ни треба лидери со чисти досиеја, за да дејствуваат одговорно според меѓународните начела, лидери со обврски“, објаснува Хојт Ји.

Ова е втора посета на Хојт Брајан Ји оваа година.

 

Миле Ристески