Средба Попоски- Хан во Брисел: Договорот од Пржино основа за излез од кризата
Во Брисел попладне средба на шефот на дипломатијата Попоски и еврокомесарот Хан. Во фокусот, актуелната политичка состојба во земјава. За Европската комисија договорот од Пржино е основа за излез од кризата, и полтичките лидери треба да се фокусираат на неговото спроведување. Брисел со порака до земјава- реформи, дијалог и враќање на евро-атлантскиот пат...

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, вечерва во Брисел ќе оствари средба со еврокомесарот за преговори за просирување, Јоханес Хан. На средбата ќе се разговара за политичката криза во Македонија и последниот развој на настаните, како и начинот да се излезе од истата со посредство на Европската унија. Брисел останува на ставот- договорот од Пржино е најдобриот излез од политичката криза. На прашањето во однос на враќањето на владата на ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, портпаролката Маја Коцијанчич се повика на заедничката изјава на високата преставничка за надворешни работи на ЕУ Могерини и еврокомесарот Хан, која следше по повторното свикување на македонското Собрание.
„Изјавата е повеќе од јасна. Ние веруваме дека сите партии мора да го зачуваат и почитуваат договорот од Пржино што го постигнаа минатата година. Тој содржи круцијални елементи што се во интерес на земјата и на луѓето. Изјавата е јасна и вели дека начин за напредок треба да се најде од сите политички партии заедно преку зрел дијалог, инклузивност и посветеност на демократските приниципи и потребните реформи, како и импементација што ќе ја врати земјата на евро-атлантскиот пат“, рече Коцијанчич.
Што се однесува пак до одложувањето на изборите закажани на 5-ти јуни, Коцијанчич истакна дека неколку пати досега ЕК излегла со став дека не постојат услови за одрзување на кредибилни избори, а партиите да се фокусираат на неопходните реформи.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
