Иванов: Потребни се храбри лидери за решавање на кризите

23.05.2016 13:41

Потребно е храбро политичко лидерство, враќање на вербата во човештвото и солидарноста, и свет во кој ќе се почитуваат и заштитуваат човековите права и правото на човечкото достоинство, истакна во своето обраќање македонскиот претседател Ѓорге Иванов, на Светскиот хуманитарен самит што се одржува во Истанбул...

Претседателот Иванов е во работна посета на Турција. Во Истанбул учествува на првиот Светски хуманитарен самит, во организација на Обединетите нации.

Потребно е храбро политичко лидерство, враќање на вербата во човештвото и солидарноста, и свет во кој ќе се почитуваат и заштитуваат човековите права и правото на човечкото достоинство, истакна во своето обраќање македонскиот претседател Ѓорге Иванов, на Светскиот хуманитарен самит што се одржува во Истанбул, во организација на Обединетите нации.

Според Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, потребна е прокативност, со цел надминување на актуелните глобални предизвици, преку четири чекори. Потребни се, како што нагласил,  јасни правила на игра, економски праведен систем, инвестирање во обновата на разорените општества и помирување.

Претседателот Иванов предупредил дека двојните стандарди го суспендираат меѓународното право и оставаат простор за анархичност во меѓународните односи.

Повикуваме на почитување на Меѓународниот кривичен суд, а ги занемаруваме пресудите на Меѓународниот суд на правдата. Ќе ве потсетам дека веќе 5 години Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на врвниот светски правен авторитет – Меѓународниот суд на правдата. Двојните стандарди го суспендираат меѓународното право и оставаат простор за анархичност во меѓународните односи. Алтернативата на меѓународното право и меѓународниот поредок е глобалниот хаос и глобалниот непоредок, истакнал Иванов.

Посочил дека Македонија беше прв пример на успешна превентивна дипломатија на Обединетите нации, преку спречување на прелевање на конфликтите од поранешна Југославија.

На Светскиот хуманитарен самит е најавено учество на околу 5 илјади учесници, вклучувајќи шефови на држави и влади од педесетина земји.