Средба Обама- Абе, економијата и глобалниот тероризам во фокус
Економијата и тероризмот беа главна тема на средбата Обама-Абе во Јапонија пред самитот на Г7. Утре, за првпат, американски претседател ќе ја посети Хирошима каде што САД го извршија првиот атомски напад во Втората светска војна.

Претседателот Барак Обама имаше средба со јапонскиот премиер Шинѕо Абе пред самитот на Г7 во Јапонија. На средбата дискутирале за економијата и тероризмот на глобално ниво. Една од темите беше и американското присуство во Јапонија поради неодамнешниот инцидент во кој загина Јапонка во напад од американски државјанин вработен во база. Обама изрази сочувство за трагедијата во Окинава и вети дека неговата земја ќе соработува со правниот систем на Јапонија.
„Би сакал да ви изразам сочувство за трагедијата во Окинава. САД ќе продолжат да соработуваат со правниот систем на Јапонија се додека не биде задоволена правдата“, изјави американскиот претседател, Барак Обама.
В петок Обама ќе ја посети Хирошима заедно со Абе за да ја потврди посветеноста на САД за мир и за безбедност во светот без нуклеарно оружје.
„Посетата во Хирошима е во чест на оние кои загинаа во Втората светска војна, и таа треба да ја потврди заедничката визија на Јапонија и САД“, нагласи Обама.
Иако од Белата куќа објаснија дека нема да има извинување зашто тоа би ги деградирало дејствијата на американските воени ветерани, група демонстранти во Јапонија организираа протест пред посетата на Обама.
„Се надевам дека Обама ќе може да го убеди светот дека мора да се отстрани нуклеарното оружје. Фактот што доаѓа во Хирошима е еден чекор напред во процесот во оваа битка“.
„Нема причина да им се извиниме. Се боревме во војна и токму тоа требаше да го направиме. Целта на војната е да победите, па Јапонците не треба да ни кажуваат како сме требале да се однесуваме.“
Ова е прва посета на американски претседател на местото каде што била фрлена првата атомска бомба во Втората светска војна. Вториот напад се случил во Нагасаки три дена подоцна. Загинале над 200.000 луѓе.
