Кампот кај Идомени целосно евакуиран
Според грчката државна телевизија ЕРТ, денеска во кампот се наоѓале уште околу 1.000 бегалци, кои биле пренесени во организираните прифатни центри во внатрешноста на Грција.

Грчките медиуми пренесуваат дека привремениот бегалски камп кај Идомени на македонско-грчката граница е целосно евакуиран. Според грчката државна телевизија ЕРТ, денеска во кампот се наоѓале уште околу 1.000 бегалци, кои биле пренесени во организираните прифатни центри во внатрешноста на Грција. Според наводи на грчките власти околу 3.000 бегалци и мигранти, во претходните денови биле префрлени во други кампови.
„Операцијата се одвиваше во најдобар ред. Кампот е празен. Оние што останаа прашуваат кога ќе дојде слкедниот автобус за да си заминат. Сфаќаме дека ова е нешто што тие го чекале, подготвени се за ова“, изјави Стела Наноу, претставник на УНХЦР во Грција.
Пред почетокот на дислокацијата на Идомени, грчките власти проценуваа дека бројот на мигранти и бегалци во идомени изнесува околу 8.000, поради што се претпоставува дека дел од нив се скриле во областите во северна Грција се до Солун, со цел повторно да се обидат да ја преминат границата кон Македонија.
Останатите пак заминале во камповите во Јужна Грција, кај свои роднини. Поголемиот дел од шаторите се веќе отстранети и во кампот има само автобуси за превоз на мигрантите.
Од денеска почна и контролата на железничката пруга и ако е се во ред, по 70-дневна блокада на пругата, од утре може да се пушти и првиот товарен воз, а подоцна повторно да стартува и патничкиот железнички сообраќај.
Грчката железница веќе пријави загуба пд 2,5 милиони евра, а грчките транспортери и извозници имаат штета од над шест милиони евра.
Марина Автовска
