Киѕингер: Безбедносна зона за бегалците во Сирија
Соединетите Американски Држави треба да воведат зона на забранети летови и безбедна зона за бегалците во Сирија, оценува американскиот конгресмен Адам Киѕингер. Америка мора да ја врати лидерската позиција за да има стабилност во светот...

Бегалската криза во Европа нема да се реши се додека не се создаде безбедна зона во Сирија за бегалците, оценува американскиот конгресмен и поранешен воен пилот Адам Киѕингер. Тој смета дека САД треба да ја преземат лидерската позиција и да воведат зона на забранети летови во Сирија со американски авиони и војници на теренот.
„Без акција, кризата само ќе се прошири. Прва работа што треба да се направи е објавување на црвена линија, односно дека Асад мора да си замине од власт, самоволно или со сила. Ова нема да се случи веднаш, но веднаш мора да се воведат зони забранети за летање и да се заштити населението. Причината зошто луѓето бегаат во Европа е зошто немаат безбедно место за престој. Треба да се создаде такво безбедно место во Сирија, каде ќе има хуманитарна помош, што ќе се штити со сили на теренот и зони забранети за летање. Во таква ситуација Сиријците ќе можат да ја направат новата влада“, изјави Адам Киѕингер, Конгресмен- Републиканец од Илиноис.
Конфликти и нестабилност се случуваат секогаш кога американските сили ќе се повлечат од кризните региони, оценува конгресменот Киѕингер. НАТО мора да ја врати својата улога на лидер и гарант на безбедноста во светот.
„Нашето членство во НАТО не е само зошто сакаме да ја браниме Европа од наша добра волја, туку бидејќи без НАТО немаше да ја подигнеме железната завеса, да донесеме слобода за милиони луѓе и да ја направиме побезбедна. Не зборуваме за фактот што ако се напушти НАТО и зошто не се признава придонесот на НАТО за војната против тероризмот по 11-ти септември 2001-ва, и продолжува да придонесува денес во Авганистан. Постојат предизвици но тие треба да се земат во предвид како НАТО треба повторно да се активира, а не да си замине од остатокот од светот“, вели Киѕингер.
Според конгресменот од Илиноис, надворешната политика на претседателот Барак Обама за водење од позадина и најавите за односите со сојузниците на Доналд Трамп се штетни и ќе создадат поголема нестабилност. Бегалските кампови може да бидат регрутни центри на Исламската држава, а ситуацијата на Блискиот Исток уште повеќе ќе се комплицира ако Либија и Египет ја доживеат судбината на Сирија.
Според конгресменот Киѕингер, доколку падне владата во Египет, Европа ќе се соочи со уште поголема бегалска криза, бидејжи во Египет има 90 милиони население.
Ирина Гелевска- постојан дописник од Вашингтон за МРТ
