СЈО: Продолжуваат предистражните дејствија и истражните постапки
Специјалното јавно обвинителство води седум истражни постапки во кои се опфатени 60 лица, информира обвинителка Ленче Ристоска. СЈО се уште чека одговор од претседателот Иванов, од каде му се податоците за лицата кои ги помилуваше на 12-ти април...

Предистражните дејствија и истражните постапки продолжуваат за сите, иако претседателот Ѓорге Иванов ја повлече одлуката за аболиција за 22- ца, велат од Специјалното јавно обвинителство. Портпаролката Ленче Ристоска вели дека работат на седум случаи во кои се опфатени околу 60- мина, голем дел од нив се на списокот за помилување. Побараа шефот на државата да ја повлече аболицијата и за останатите.
„Очекуваме и веруваме дека претседателот ќе ги исполни своите уставни обврски и ќе овозможи реализација на правдата. Да не биде ова начело предмет на селективен пристап. Правдата не треба да има селективен пристап и не треба да се затскрива вистината“, наглаки Ристоска.
Ристоска рече дека Коста Крпач, за кого истрагата на Јавното обвинителството покажа дека извршил самоубиство, им се пожалил оти му е загрозена безбедноста, но, тоа не го пријавиле во МВР.
„Се работи за сензитивни информации од предистражна постапка. Кога таа постапка ќе заврши, секако јавноста ќе биде известена за околностите во тој случај. Неговото пристапување кон нас не беше пријавено до МВР, зашто бевме обврзани да го сочуваме неговиот идентитет“, изјави Ристоска.
Ристоска потврди дека се точни информациите за нивните лични примања- се движат од 2.500 до 3.000 евра. За ангажманот на архитектот Мирослав Грчев како вештак во случајот со уривањето на комплексот „Космос“, рече дека го предложил Архитектонскиот факултет.
Специјалното јавно обвинителство го повика Кривичниот суд да им ги достави копиите од доказните материјали за случајот „Пуч“.
Игор Панов
