Европски комитет за региони: Македонија го запре мигрантскиот бран кон Европа

03.06.2016 16:18

На дводневното полтичко Собрание на Европскиот комитет за региони во Брисел, учесниците се согласија дека клучната улога во спречувањето на бранот на мигранти ја одигра токму Република Македонија...

Миграцијата, финансиите и човековите права беа темите за кои се разговарше на дводневното полтичко Собрание на Европскиот комитет за региони во Брисел. Централно место зазеде миграцискиот процес, како глобален и актуелен проблем. Учесниците се согласија дека клучната улога во спречувањето на бранот на мигранти ја одигра токму Република Македонија.

„И честитам на вашата земја. Мала држава која сега ја штити цела Европа. Мала и не толку богата држава ја штити моќната Европа. Фантастично“, нагласи Ана Магар, известувач за стратегијата на проширување на ЕУ.

Во фокусот на вниманието беа државите кандидати за членство кон Европската унија и спроведувањето на процесот на пристапување, предизвиците и проблемите со кои тие се соочуваат. Беа понудени и решенија за приближување кон европското семејство.

„Мислам дека Македонија многу напредуваше во приближувањето кон Европа. Сепак постојат уште проблеми. Во делот на финансиите, човековите права, инфраструктурните проблеми. Бараме ЕУ да ѝ помогне на Македонија“, рече Жан Франсоа Исас, ко-претседавач на заедничкиот консултивен комитет.

„Треба да се сфати дека уредената легислатива на локално ниво е можност граѓаните да ги разберат промените кои ќе влијаат врз нивниот живот“, додаде Магар.

„Разговаравме за децентрализацијата на општините, односно за воведување систем според кој општините ќе бидат приближно еднакво финансирани, што ќе овозможи подеднаков развој на сите делови од државата“, вели Јасна Габтиц, градоначалник на Трбовље, Словенија.

Регионалниот развој треба да биде спроведен од земјите-кандидатки, иако, генералниот заклучок на Собранието беше јасен- ново проширување на Унијата не се очекува во наредните пет години.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ