Осум лица осомничени за корупција на УКИМ
Се сомничат за повеќе кривични дела. Освен примање пари, постои степен на основано сомнение дека дел од професорите барале и извршување на сексуални услуги заради полагање на испит- соопштуваат од Обвинителството...

Основното јавно обвинителство излезе со детали за акцијата во кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Од обвинителството велат дека се осомничени осуммина: шест универзитетски професори, еден демонстратор и еден управител на бифе во универзитетскиот комплекс.
Се сомничат за повеќе кривични дела. Освен примање пари, постои степен на основано сомнение дека дел од професорите барале и извршување на сексуални услуги заради полагање на испит- соопштуваат од Обвинителството.
Како оштетени се јавуваат студенти од УКИМ. Од Обвинителството велат дека за време на акцијата, еден од професорите бил затечен како прима поткуп од 1.000 евра, а за останатите биле обезбедени докази во изминатиот период.
Во моментот предметот е во предкривична постапка. Надлежен јавен обвинител врши оценка за потребата за примена на мерки за обезбедување на присуство на лицата и на предмети во текот на постапката.
Попладнево и МВР на пресконференција треба да соопшти детали за акцијата.
