Отворен 49-от Меѓуанроден семинар за македонски јазик

12.06.2016 16:39

Во Охрид е отворен 49-от Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура на кој учество зедоа 70-ина слависти од седумнаесет држави. Годинава носечките теми се поврзани со одбележувањето на јубилеите- 1.100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски, основоположникот на Охридската книжевна школа, како и 70- годишнините од објавувањето на првата Граматика на современ македонски јазик и објавувањето на првите книги за деца на македонски јазик...

Јазикот го носи идентитетот на секој народ. Мислам дека треба да ни се разбуди свеста дека јазикот е цел културолошки концепт и тоа е она што не држи во идентитетот. Поради тоа ние не мораме од никого да бараме признавање на идентитетот и јазикот, смета професорката Славица Велева.

„Зборуваме за признавања, зборуваме за покажувањето на јазикот. Мислам дека еднаш треба да излеземе од тој контекст и да сватиме дека кога луѓе од 17 земји, кои што се претежно лингвисти, кои имаат интерес да дојдат и да го изучуваат македонскиот јазик, мислам дека нема поголемо докажување за идентитетот и за посебноста на македонскиот јазик, отколку желбата странците да го изучат македонскиот јазик“, изјави проф. д-р Славица Велева, директор на Меѓународниот семинар по македонски јазик, литература и култура.

Дел од професорите посочуваат дека статусот на македонскиот јазик во образованието треба да се подигне на повисоко ниво.

„Колку што можам да забележам дека и во наставната програма по литература повеќе внимание им се посветува на странските автори, отколку на македонските. Во основа можеби и треба нова програма во која што ќе се направи поголема врска меѓу јазикот и литературата“, вели проф. д-р Димитар Пандев.

Странските учесници укажуваат дека треба да се издаваат што повеќе книжевни  дела на македонски јазик.

Прогрес или напредок во литературата и културата се состои не во некоја споредба на квалитети, туку да се множат книжевните и литературните дела“, изјави проф. д-р Ала ШешкинМосковски универзитет „Ломоносов“.

Во рамките на семинарот пред странските студенти кои го изучуваат македонскиот јазик, експерти ќе ги презентираат најновите истражувања од областа на македонистиката.

 

Сашо Нелоски