Собрание: Расправа за предлгот за импичмент на претседателот Иванов
Во Собранието расправа за предлгот за импичмент на претседателот Иванов, поднесен од СДСМ. Според Социјалдемократите, шефот на државата со аболицијата го прекршил Уставот и треба да сноси одговорност. За ВМРО-ДПМНЕ, Уставот му дава право на претседателот да помилувања, законите не се прекршени...

Со одлуките за помилување на актуелни и поранешни функционери и нивни поддржувачи, Иванов долеа масло на огнот и ја продлабочи политичката криза, рече Рената Дескоска од СДСМ, образложувајќи го предлогот за импичмент за претседателот. Како што рече, со аболицијата Иванов ја попречи и работата на Специјалното јавно обвинителство. Шефот на државата не смее да биде над судската и законодавната власт,смета опозицијата. Побара негова одговорност.
Предлогот за покренување постапка за одговорност на претседателот Иванов е неоснован, стои во извештајот на ад хок комисијата. Според заклучокот изгласан со мнозинство членови, не се прекршени уставот и законите, образложи претседателот на комисијата Илиоски. Потсети дека Собранието на 20-ти мај годинава изгласа дополнување на законот за помилување,со кое претседателот може да донесе аболиција, а ако некое лице е на листата, може да побара таа да се повлече и тоа е обврзувачко.
Павле Трајанов смета дека Претседателот Иванов треба да учествува во расправата и да ги образложи одлуките за помилување.
Нема законска обврска претседателот да присуствува на дебатата. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Димовски рече дека шефот на државата за постапките одговара пред граѓаните и пред Собранието, кое во одредена постапка утврди дека нема уставна и законска повреда.
Од владејачката партија потенцираа дека со импичментот опозицијата сака да ја урне институцијата претседател, а политичката казна ќе им ја испорачаат граѓаните на избори.
Милчо Велески
