Државната матура се спроведува без проблеми

13.06.2016 16:01

Матурантите го полагаа вториот предмет од државната матура. Најголемиот дел избрале англиски јазик. Министерот уверува дека целиот процес се одвива без проблеми...

Во сите средни училишта се полага вториот предмет од државната матура. Вообичаено најголемиот дел од средношколците имаат избрано англиски јазик. За најголемиот дел од учениците со кои разговаравме, тестирањето поминало лесно.

Дека нема никакви проблеми при спроведувањето на државната матура тврди министерот за образование Љутфиу. Во целиот процес се ангажирани 2.314 наставници, тестатори и околу 200 набљудувачи. На 15-ти јуни е закажано полагање по предметите физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика.

Државна матура годинава полагаат 16.859 ученици. Деветтоодделенците денес ќе ги добијат резултатите од екстерното тестирање, за останатите ученици ќе бидат објавени на 17-ти јуни.

 

Викторија Милевска