Новковски и Јанкуловски во трка за ректор на УКИМ

15.06.2016 15:21

Деканот на Медицински Никола Јанкуловски и професорот Ненад Новковски во трка за нов ректор на најстариот универзитет во земјава. Кој ќе стане прв човек на УКИМ ќе се знае за десеттина дена...

Ненад Новковски и Никола Јанкуловски влегоа во трката за нов ректор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тие беа селектирани како најдобри од вкупно шестмина кандидати. Јанкуловски, кој ја извршува функцијата декан на медицнинскиот факултет доби 28 гласа, додека неговиот противник – професорот од ПМФ кој е и поранешен министер за образование Новковски доби 17 гласа поддршка.

Во трката за највисоката унивезитетска функција беа и професорите Александар Димитров, Атанас Кочов, Коле Василевски и Елена Думова Јованоска, но тие не го поминаа филтерот и не обезбедија поддршка од ректорската управа.

Изборот за ректор на најстариот државен универзитет во земјава предизвика расправија и меѓу студентите, откако Студентскиот пленум обвини дека за нов ректор ќе гласаат нелегитимни претставници од Студентскиот Парламент.

Кој ќе го води универзитетот во наредните четири години ќе одлучи Сенатот на следната седница закажана за 27-ми овој месец.

 

Анита Димитријевска