Продолжува опасноста од напади на ИДИЛ

21.06.2016 10:51

Ликвидирани се голем број лидери на Исламската држава и намалени се нивните финансии, но нивниот капацитет за напади не е намален, предупредуваат американски разузнавачи. Американскиот претседател Барак Обама и по нападот во Орландо, смета дека не треба да се менува стратегијата за борба против Исламска држава...

И покрај напредокот во операциите против Исламската држава, капацитетот на оваа терористичка организација за напади не е намален. Во иднина ќе се зголемат обидите за терористички напади, предвидува Директорот на американската агенција за разузнавање ЦИА.

„За жал и покрај нашиот напредок против ИДИЛ на бојното поле и на финансиско ниво, нашите напори не го намалија капацитетот за тероризам и достап на глобално ниво. Средствата што се потребни за тероризам се многу скромни, а групата мора да претрпи уште потешки загуби на територија, луѓе и пари, за да нејзиниот капацитет се намали значително. Општо подружниците на групата во странство и глобалната мрежа, го зачува капацитетот за тероризам и покрај  настаните во Ирак и Сирија. Фактички како што се зголемува притисокот врз ИДИЛ, оценуваме дека ќе ја интензивира глобалната терористичка кампања, за да ја зачува доминацијата на глобалната терористичка агенда“, изјави директорот на ЦИА, Џон Бренан.

Направен е напредок во операциите против ИДИЛ, оцени американскиот претседател Барак Обама по состанокот на Националниот Совет за безбедност по нападот во Орландо. Тој смета дека не треба да се менува стратегијата за борба против оваа терористичка организација.

„Терористички групи како ИДИЛ повикуваат луѓе насекаде во светот и во САД да напаѓаат невини цивили. Нивната пропаганда, видеа и постирања се зголемуваат и полесно се пристапни, отколку што би сакале. Напаѓачот во Орландо апсорбирал дел од нив и за време на убиствата објави лојалност кон ИДИЛ. Вакви индивидуи и мали терористички групи е многу тешко да се откријат и да се спречат. Во нашата влада на секое ниво, федерално, државно и локално, воено и цивилно, правиме се во наша моќ да запреме вакви видови на напади“, изјави американскиот претседател Барак Обама.

Европа може да биде цел на терористички напади ова лето. Затоа Стејт Департментот ги предупреди американските државјани коишто сакаат да патуваат во Европа да бидат многу претпазливи и да избегнуваат места има големи собири на луѓе, како спортски напревари, концерти, шопинг центри.

Со мерките на американскиот Департмент за трезор многу се намалени финансиите и финансиските извори на терористичките организации како Исламската држава.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ