Политичката криза има цена- треба да се одржи фокусот на реформите

22.06.2016 15:46

Политичката криза веќе ја чини многу Македонија, но со спроведување на реформите мораме да ѝ покажеме на Европа дека можеме да водиме преговори, вели министерот Попоски пред конференцијата по повод престојната Париска конференција за Западен Балкан. Француската амбасадорка повика политичарите да ги продолжат разговорите и да најдат решение...

„Политичките кризи не се ексклузивитет на Македонија и Балканот, ниту пак во европските земји, но, важно е како ќе се справиме со нив“ - ова е став на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, кој не сакаше да шпекулира каква оценка ќе донесе Европската унија за земјава, бидејќи како што рече, тоа се 28 политички интереси кои треба да се преточат во едно решение.

„Политичката криза има цена на чинење, но доколку го одржиме фокусот на спроведување на идните реформски приоритети без оглед на напредокот на политичкиот дијалог ќе докажеме дека Македонија има капацитет да води преговори со ЕУ. Остатокот е политичко прашање“, вели министерот Никола Попоски.

Пред претстојната Париска конференција за Западен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес, француската амбасадорка Оер вели дека за земјава е најважно политичарите да постигнат договор.

„Не само во оваа земја, и во други се случува политичка криза. Најважно е политичките партии да продолжат да разговараат околу изборите, затоа што политичката криза не треба да генерира и друг вид на кризи“, изјави Лоренс Оер, амбасадорка на Франција во Македонија.

Самитот „Париз- Западен Балкан 2016“ треба да се одржи на 4-ти јули во француската престолнина. Попоски и Антоан Грасин, француски амбасадор задолжен за организирање на Парискиот самит за Западен Балкан, рекоа дека во фокусот на форумот ќе бидат економијата, инфраструктурата и мобилноста на младите.

Гарсин најави отварање канцеларија за млади која треба да овозможи слободно движење и работа во Европа.

 

Катерина Топалова