Расправии и тензии на изборот за нов претседател на Студентскиот парламент
Студентскиот пленум ги блокира изборите зашто според нив не се обезбедени законски услови за гласање. Студентската правобранителка Бојаџи ги обвини дека го оспоруваат правото на глас на сите академски граѓани и повика изборите да минат во мирна атмосфера...

Во тензична атмосфера се одржаа изборите за нов студентски лидер на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Членовите на Пленумот го блокираа изјаснувањето. Не им дозволуваат на студенти да гласаат поради тоа што велат дека нема услови - немало паравани и печат на избирачките ливчиња.
Студентскиот правобранител Васка Бојаџи рече дека на студентите им е скратено правото на глас. Апелираше изборите да минат во мирна атмосфера, а Пленумот да не ги попречува студентите во изборот.
Пленумот го обвини досегашниот претседател Спировски дека гласањето не е тајно, а гласачките ливчиња се неважечки. Тој одговори- надлежноста за организирање на изборите ја има Државната изборна комисија. Тој се појави на Правниот факултет, но, како што рече не гласал бидејќи бил попречен од членовите на Пленумот.
Зa нов студентски лидер во трка беа Стефан Василевски од Медицинскиот факултет и Давор Поповски, студент на ФИНКИ.
Викторија Милевска
